Белгија не е подготвена да спречи втор бран на корона вирусот


Белгија заостанува во подготовките кои се „клучни за да се минимизира ризикот за втор бран“ на коронавирусот, се вели, меѓу другото, во препораките кои и биле дадени на Владата пред минатонеделниот состанок, а објавени вчера.

Белгија од вчера влезе во третата фаза од својата стратегија за излез од пандемијата, и повторно ги отвори баровите и ресторани и им дозволи на сите да имаат близок контакт со 10 други луѓе неделно. Стратегијата вклучува ограничување на нови жаришта си тестирање и пронаоѓање на сите што можеби се заразени, и управување со „појава на кластери“ кога е потребно.

Но, во извештајот, доставен пред белгиската Влада да ги објави своите планови на 3 јуни, Групата експерти за стратегија за излез (ГЕЕС) предупреди дека „овие две линии на одбрана сè уште бараат постојано силно внимание и акција на владата“.

Подобрувањето на тестирањето и потрагата по контакти е бавно, а планот за дејствување доколку вирусот се врати „сè уште е во многу концептуална фаза“, напишале експертите. „Покрај тоа, треба дополнително да се подготви акционен план за да се утврдат мерки во случај да дојде до втор бран“.

До 3 јуни не биле спроведени многу од препорачаните мерки за да се спречи враќање на вирусот, истакнуваат експертите во нивниот извештај. Тоа вклучува зголемување на бројот на здравствени работници и мобилизирање на ресурсите. Покрај тоа, Владата сè уште нема објавено едноставни и јасни препораки за справување со епидемијата во училиштата или продавниците.