Белчева се жали на окупираните тротоари во Центар од активните градилишта: „Важно се гради, луѓето можат и по коловоз”


Фото: Б. Грданоски

Јана Белчева од Шанса за Центар синоќа во објава на Фејсук се пожали за состојбата со тротоарите од активните градилишта и безбедноста на луѓето што се движат, особено за децата. Во прилог на својата објава, таа сподели и повеќе фотографии од активни градилишта низ општина Центар каде се гледа дека во делот пред објектот во изградба, не може слободно да се движи по тротоарот.

„Ова се тротоарите на дел од 160 активни градилишта во Центар по кои се движат луѓето, посебно децата. Важат принципите: “важно се гради”, “луѓето можат и по коловоз”, “никој ништо не ни може”, “инспекција и онака нема”, “надзор?!, што е тоа“…Кој е одговорот на прашањата: Чии интереси се штитат вака? Дали достоинството на луѓето и заштитата на децата наместо приоритет вака свесно се жртвуваат?“, напиша Белчева во нејзината објава.

Нејзината објава беше споделена и од Шанса за Центар.

Тие на тоа се надоврзаа со натпис: „Ова е безбедноста во Центар до денес! Ама од утре ќе биде поинаку!? 10 години бараме безбедни тротоари, ама НЕ, комоцијата во градењето е побитна“.