Бел млечен трн – полезно медицинско растение со потенцијал за прочистување на почвите


Иако често сметано за коров, белиот млечен трн (Silybum marianum (L.) Gaerth) може да биде полезно медицинско растение со потенцијал за фиторемедијација на почви, односно нивно прочистување од тешки метали и азотни соединенија без компромитирање на неговиот фармаколошки квалитет. Ова го покажа речиси двегодишното истражување на Јована Ѓорѓиевска, реализирано со среден грант од на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчи Меловски“ на Македонското еколошко друштво.

Спроведено на повеќе локации во Македонија, вклучувајќи нитрофилни почви со диворастечки и култивирани популации на бел млечен трн, истражувањето укажува дека белиот млечен трн е исклучително прилагодливо растение кое успешно расте на различни типови почви, вклучително и такви со зголемена концентрација на тешки метали и азотни соединенија.

 

Анализите потврдија дека растението е способно да акумулира тешки метали од почвата, при што не се забележува негативно влијание врз биосинтезата на силимарин – природно соединение со моќни антиоксидантни, антивоспалителни и хепатопротективни (заштитни) својства што го штитат црниот дроб од оштетувања. Највисока содржина на силимарин е утврдена во плодовите, но присуство на биоактивни соединенија е регистрирано и во останатите делови на растението.

Овие резултати се значајни бидејќи ја потврдуваат можноста белиот млечен трн истовремено да се користи како суровина за фармацевтската индустрија, но и како природен алат за еколошка санација на загадени почви. Истражувањето придонесува кон научно засновано преиспитување на статусот на растението – од коров до ресурс со значителен медицински и еколошки потенцијал!

Раководителката на истражувањето изразува благодарност до менторите доц. д-р Ивана Цветковиќ Каранфилова, проф. д-р Ѓоше Стефков, членовите и истражувачи во овој проект, асс. Филип Тодоров и Николина Димитрова, од Центарот за природни производи при Фармацевтски Факултет – Скопје, како и соработниците од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, проф. д-р Миле Маркоски и Марија Тодоровска.