Бектеши: Трговските центри треба да работат во недела


Фото: Б. Грданоски

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека трговските центри, но и помалите продавници, треба да бидат изземени од ограничувањата за работа во недела. Ова е спротивно на ставот кој го искажа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која децидно изјави дека шопинг моловите ќе бидат затворени во неделите, но и на вицепремиерот Фатмир Битиќи кој во неколку наврати истакна дека во неделите ќе работат само оние дејности каде што е тоа неопходно и го бара произодствениот процес.

Одговарајќи на новинарско прашање до каде се преговорите околу овие законски решенија и дали има поместување во врска со работењето на трговските центри, Бектеши денес рече дека Министерството за економија го има кажано ставот.

„Имајќи во предвид дека матичните закони во делот на трговијата и угостителството се во склоп на Министерството за економија јас и претходно имам кажано дека некои од дејностите треба да ги извлечеме од тоа законско решение“, изјави Бектеши, додавајќи дека тоа се однесува и на трговските центри и дека тоа решение треба внимателно да се разгледа.

„Луѓето треба да имаат и други можности каде што ќе излезат, но истовремено со нивните семејства би можеле да направат и одреден пазар, вклучувајќи ги и трговските центри“, рече Бектеши, нагласувајќи дека треба да се има во предвид и трендот на изградба на трговски центри, инвестициите кои што се прават во таа дејност, но и приливот на странски туристи во викендите во нашата држава, посебно од соседните држави.

Дополнително на ова, Бектеши вели дека би требало да работи и трговијата на мало согласно направените анализи.

„Во делот на трговијата на големо секако дека би можело да има одредени дејности кои не би требало да работат во недела, се со цел да им помогнеме на сите вработени во приватниот сектор да ја користат неделата за одмор. Но, уште еднаш би сакал да го кажам ставот на Министерството за економија дека дневниците на вработените кои ќе работат во недела би требало да бидат зголемени најмалку 50 осто во однос на редовните“, рече Бектеши.

На забелешката доколку работат трговските центри, малопродажбата, бензиските пумпи и тн, излегува дека во неделите нема да работи само администрацијата, Бектеши одговори дека најверојатно повеќето од дејностите нема да работат.

„Но, секако за привлекување туристи, за развој на туризмот, туристичките центри би требало да работат и во недела. Не е логично ништо да не работи во недела, каде би можеле граѓаните и туристите да излезат во неделите со нивните семејства?“, одговори Бектеши. 

Тој вели дека за таа цел во Министерството за економија се направени компаративни анализи со држави од соседството и со членки на ЕУ за дејностите кои влијаат во привлекување туристи, за развој на туризмот и дека тие дејности ќе бидат исклучени од законското решение кое е најавено од Министерствот за труд и социјална политика. 

На прашањето дали во Владата има разногласие околу работењето во неделите, имајќи ги во предвид ставовите на вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска, Бектеши одговори дека матичниот закон со кој се уредува трговијата во нашата држава, го предлага Министерството за економија, односно Законот за трговија, како и Законот за угостителство и Законот за туризам.

„Министерството за економија има стручни лица кои веќе ги имаат завршено сите анализи вклучувајќи и компаративни анализи со други држави. Наша заложба е дека треба да се одвива трговијата и во време на викенд“, изјави Бектеши, додавајќи дека  секако дека ќе има исклучоци.

Тој исто така рече дека како министерство јавно го кажуваат нивниот став, како и дека тоа писмено ќе го соопштат и за Законот за работни односи кој што се подготвува од страна на Министерството за труд и социјална политика.

„Но, треба да бидеме внимателни, да не им даваме можност на одредени дејности да не бидат компатибилни со дејностите кои се вршат во други држави и така да се губи обемот на трговија во нашата држава, бројот на странски туристи во време на викенд, вели Бектеши.

Тој нагласи дека заложба на Владата е зачувување на работните места, но и зголемување на вработеноста.

„Ние сметаме дека сите работници кои ќе работат во недела, да имаат дополнителни приходи за тоа, како и самите да одлучат кој ден да им биде слободен во текот на неделата“, рече Бектеши. (М.Ј.)