Бектеши побара од Арсовска Скопје да одвои средства за енергетската криза


 

Не може само Владата да се грижи за граѓаните, тоа треба да го прават и општините, а кога се однесува за парното греење тоа треба да го прави и Градот Скопје. Ова вечерва го порача министерот за економија Крешник Бектеши во дебатата на Телма заедно со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и професорот Горан Рафајловски.

Бектеши ја праша Арсовска зошто Градот Скопје во неговиот буџет за 2022 година не одделил средства за ублажување на притисокот од енергетската криза врз граѓаните. Арсовска одговори неврзано дека ресурсите на Скопје се многу скромни, а и дека Градот бил во големи долгови. Министерот беше уште подиректен велејќи дека плановите за енергетската криза започнале уште во август месец минатата година, кога и се доставуваа кандидатурите за локалните избори.

„Секој што се кандидира за менаџирање на одредена општина, треба да ја знае ситуацијата и што ќе го очекува по стапувањето на функција. Кандидатурите за локалните избори се доставуваа до крај на август, кога веќе се знаеше дека ќе имаме енергетска криза. Тогаш требаше да направите план за како ќе ја менаџирате кризата“, рече Бектеши.

Според него, Градот Скопје може да побара пренамена на наменските средства кои владата ѝ ги има исплатено на локалната самоуправа со цел справување со енергетската криза.