Бектеши: Можни се тензии по укинувањето на балансерот
Поранешниот министер за економија од ДУИ, Крешник Бектеши, вели дека се можни тензии по укинувањето на балансерот.
„Мислам дека потезите на Христијан Мицкоски и коалицијата Вреди водат кон дестабилизација и тие самите сакаат да дестабилизираат. ДУИ, Ахмети и ние како претседателство на партијата јасно кажавме дека на нашата држава не ѝ треба дестабилизација, туку спротивно, и требаат разговори и треба дијалог каде што сите ќе бидат еднакви во оваа држава“, вели тој во интервју за Радио Слободна Европа.
Генерално тој смета дека оваа влада секојдневно прави толку скандали што секој ден по еден протест би требало да се одржи од страна на граѓаните.
„И не само од ДУИ. Генерално од сите граѓани бидејќи сите имаат поголеми трошоци за се што е потребно за живот. Ништо не функционира. За жал дојдовме до ситуација каде што ни умираат и млади луѓе во болниците зошто не можат да најдат соодветна грижа во нашиот здравствен систем“, оцени Бектеши.
Бектеши очекува да растат тензиите откако е укинат балансерот за етнички вработувања, а законот за правична застапеност ќе го поддржат само ако ги гарантира правата на сите заедници.
На прашањето како го толкува објаснувањето дека балансерот произвел дискриминација кон другите етнички заедници, Бектеши изјави дека не сака да ги коментира објаснувањата на претседателот на Уставниот Суд, кој според него, на оваа позицијата дошол на предлог на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.
„Не сакам него да го коментирам бидејќи тој влијае негативно врз меѓу етничките односи во државата и треба да внимаваат кога ги носат овие одлуки кои се сензитивни и не ја водат државата напред туку ја враќаат назад пред Охридскиот рамковен договор каде што можат да растат тензиите во нашата држава, за жал а ДУИ работи интензивно за тоа да не се случи бидејќи приоритет на приоритетите е интеграцијата на државата во Европската Унија“, рече Бектеши.
Тој исто така не се согласува со тоа дека балансерот бил злоупотребуван, но смета дека требало да се надогради како механизам.
„Не се согласувам дека е злоупотребен во некои институции, но требаше да се надогради како механизам и луѓето во изводите кои ги вадат можеа да се видат условите во делот на кои конкурираат. Но, ова не беше прифатено како предлог а сега со укинување на балансерот се дозволува секој менаџмент на некоја институција да одлучува самостојно без да има пред вид Охридскиот рамковен договор и неговиот дух“, изјави тој.
На прашањето дали ДУИ ќе го поддржи новиот закон што го најавува власта, тој порача дека ги поддржуваат сите добри политики за сите етнички заедници.
„Ние ги поддржуваме сите добри политики, не само за албанската туку и за македонската етничка заедница но и за другите и во делот на нивните права но и во делот на општото добро на државата како што е економскиот развој, развојот во други сфери, во социјалните политики. Но, ние треба да имаме драфт на тоа законско решение иако и тој закон треба да има некој механизам кој ќе биде рамноправен за сите етнички заедници да можат да бидат претставувани“, рече Бектеши и додаде дека балансерот како механизам работи со процент, се со цел да се стигнат одредени рокови. Ако новиот предлог е добар за сите етнички заедници вклучително и за македонската, Бектеши вели дека како ДУИ ќе го поддржат.
Во однос на можно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, Бектеши вели дека ако нема нови избори ДУИ нема да биде дел од владата, а тоа го рече и претседателот Ахмети. „Ние сакаме да ја имаме довербата на граѓаните и граѓаните да одлучуваат кој да ги претставува а не да е волја на некоја политичка партија“, рече Бектеши.
„Јас сум го кажал ова дека утре може Левица да има 80 пратеници, или што знам некоја националистичка политичка партија во нашата држава да има 90 или 61 пратеник и не можеме ние како држава, како мултиетничка држава која вредностите на Европската Унија сака да ги примени во целост да дозволиме такво неконструктивно дејствување и обид за омаловажување на другите етнички заедници во нашата држава“, порача тој.