Бектеши: Четвртиот сет на мерки до крајот на неделава
Очекувам до крајот на неделава да биде готов четвртиот сет на мерки за помош на граѓаните и стопанството. Со новиот сет на мерки ќе бидат таргетирани најпогодените сектори, но и граѓаните кои имаат најмногу потреба со цел за заеднички да ја пребродиме корона кризата, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Како што најави и премиерот Зоран Заев ние веќе имавме неколку состаноци, а одржавме и економски совет. Денеска продолжуваме со состаноците на кои ги правиме сите проекции. Веќе се добиени сите барања од стопанските комори и моментално се прават последните анализи. Како институција ги пративме и нашите предлози имајќи во предвид дека имавме повеќе состоноци со стопанските комори и очекувам дека во текот на неделава ќе излеземе со четвртиот сет на економски мерки со цел да им помогнеме на граѓаните, но истовремено и на стопанството, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција заедно со директорот на ТАВ Алпер Ерсој.
Тој нагласи дека не би можело да се каже дека земјава понудила најмала помош во околината за стопанствотоа ако се има во превид вредноста на првите три сета на економски мерки за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19.