Беким Сали назначен за в.д. претседател на Алтернатива, Ибрахими поднесе оставка


 

Вицепремиерот и иден министер за европски прашања Беким Сали е избран за вршител на должност претседател на Алтернатива, откако досегашниот лидер Зеќирија Ибрахими поднесе неотповиклива оставка на седницата на Централното собрание.

Ибрахими во својата објава наведе дека се повлекува од функцијата претседател на партијата, истакнувајќи дека одлуката ја донел поради сопствените политички убедувања и дека сака идните одлуки на партијата и коалицијата „Вреди“ да ги носи новото раководство.

Тој посочи дека првично планирал да не се кандидира на редовниот партиски конгрес во март или април 2026 година, но динамиката во рамките на „Вреди“ го забрзала процесот. Беким Сали ќе ја води партијата до одржување на конгресот.

Во објавата, Ибрахими направи детален осврт на своето 11-годишно политичко делување, нагласувајќи дека оставката не е резултат на незадоволство, туку на уверување дека партијата и „Вреди“ имаат потреба од нова енергија, нов проект и ново политичко лидерство.

Тој изрази задоволство што, како што наведува, придонел кон повлекување на „старата, компромитирана политичка класа“ и создавање простор за нови идеи и политики меѓу Албанците во Северна Македонија.