Беким Незири и уште тројца од насилниците однесени на распит во Кривичен суд
Четворицата се пред судија на претходна постапка. Претходно беа на распит во полицијата. Обвинителството бара притвор поради загрозување на авиосообраќајот
Четири лица поврзани со случајот со упадот во М-НАВ вечерва се однесени во Кривичниот суд. Од судот за МИА потврдуваат дека се донесени четири лица. Телевизија Телма објави снимки од моментот кога лицата во придружба на маскирани специјални полицајци (и, како што изгледа, со лисици на рацете) се носат во Кривичниот суд, а меѓу нив и Бекир Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранокот на ДУИ во Чаир. Тие треба да се појават пред судија на претходна постапка.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Осумтемина напаѓачи на Контролната кула на Скопскиот аеродром не се осомничени за тероризам.
„Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага“, соопшти Скопското јавно обвинителство.
Во соопштение доцна ноќеска МВР информираше дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори и оти во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица и оти наредниот период МВР континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.
Според Јавното обвинтелство, како што информираа претпладне од прес-службата, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, а Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекуваше кривична пријава од Министерството за внатрешни работи.
Нападот се случи по вчерашната прес-конференција на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.