Беџети: Владата го усвоила Предлог-буџетот за 2026 година без мислење на Фискалниот совет
Претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети, денеска изјави дека Владата го усвоила Предлог-буџетот за 2026 година без неопходното Мислење на Фискалниот совет, како што налагаат правилата, односно Фискалниот совет немал увид во предложениот документ пред неговото усвојување од страна на Владата. Ова Беџети го изјави пред пратеницвите на седница на Комисијата за финасирање и буџет каде што почна комисиската расправа за овој важен документ.
„Бевме ограничени да го подготвиме Мислењето по однос на Предлог-буџетот за наредната година. Согласно законот Предлог-буџетот треба да се достави и пред доставување до Владата, а ние немавме таква можност. Владата го усвои Предлог-буџетот без наше мислење“, рече Беџети.
Оценувајќи го владиниот предлог, Беџети во името на Фискалниот совет ги поддржа проекциите за наредната година, велејќи дека во многу елементи Предлог-буџетот е конзеравтивен.
Тој рече дека оптимизам влеваат и проекциите за раст во Европската унија, а особено во Германија со чие стопанство, македонското е значајно поврзано.
Тој елаборираше дека Фискалниот совет цени дека проекциите на Буџетот за 2026 година речиси во сите компоненти се реални, посебно во делот на јавните расходи, кои се во помала динамика на раст и од јавните приходи.
Една од значајните забелешки, покрај онаа за нетранспарентното усвојување на Предлог-буџетот, се оденсува на јавниот долг за што Беџети рече дека доколку се реализира минатогодишната препорака на Фискалниот совет (без разлика на „домашната“ дефиниција на јавниот долг), во јавниот долг да се вклучат и доспеаните, а неизмирени обврски на јавните институции и претпријатија согласно методологијата за фискална статистика на ЕУ, кои тековно според евиденцијата во ЕСПЕО системот изнесуваат околу 700 милиони евра (околу 3,5% од БДП), тогаш јавниот долг би изнесувал над 62 отсто.