Баскерфест караван 2025: „Побарај ја забавата“ во девет градови низ Македонија


Не мораш да одиш далеку за да доживееш нешто волшебно. Доволно е да излезеш на улица, бидејќи Баскерфест 2025 наскоро повторно ќе ги претвори градовите во сцени, а секој случаен минувач во дел од приказната. По неколкугодишна пауза, петнаесеттото издание на овој уличен уметнички фестивал ќе се одржи од 25 август до 6 септември, патувајќи низ 9 градови низ Македонија и застанувајќи на вкупно 13 локации.

Од првото шоу во скопската општина Кисела Вода, каде што и официјално ќе биде означен почетокот на фестивалот, до завршната вечер во Гевгелија, дел од Баскерфест 2025 ќе бидат над 20 интернационални уметници од Полска, Канада, Бразил, Србија, Албанија, Чиле, како и од Македонија.

Тие ќе настапуваат низ Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Куманово, Кавадарци и Гевгелија, како и во скопските општини Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода.

Низ плоштадите и улиците ќе можат да се сретнат акробати и жонглери што со леснотија ја држат публиката во очекување, улични музичари што будат емоции, илузионисти што ќе ве натераат повторно да верувате во магија и кловнови кои со еден гест или поглед успеваат да изнудат насмевка. Сите тие се подготвени наскоро да ја споделат својата уметност и страст, да нè поканат да се забавуваме заедно, без разлика на возраста, интересите или од каде доаѓаме.

Секоја фестивалска вечер гарантира изненадувања, позитивна енергија и интеракција. Улиците ќе оживеат со звук и боја, плоштадите ќе се претворат во места на средби меѓу уметниците и публиката, сето тоа зачинето со долготрајни аплаузи, искрени емоции и оној специфичен фестивалски пулс што ги спојува луѓето, без разлика дали се познаваат или не.

Под мотото „Побарај ја забавата“ – Баскерфест 2025 ти доаѓа! артистите од фестивалот и годинава не доаѓаат само да ги покажат своите умешности, туку да создадат заедничко искуство и сплотеност со публиката, преку своите перформанси и патувачка сцена што инспирира, зближува и остава трајни сеќавања.