Башески, Даутовски и Џепароски влегоа во МАНУ
Скулпторот Жарко Башески, уметникот Невзат Бејтули, музиколошкиот експерт кој свири на повеќе од 20 народни инструменти, Драган Даутовски и филозофот, критичар и преведувач Ивица (Иван) Џепароски влегоа во македонскиот уметнички Пантеон, како дописни членови во Одделението за уметност.
Значителен број кандидати, 14, беа предложени за дописни членови на МАНУ. Најмногу предлози за дописни членови, дури седум, беа добиени од Одделението за уметност на МАНУ. Меѓу нив беа музичарот Драган Даутовски, сликарите Невзат Бејтули, Новица Трајковски скулпторите Жарко Башески и Александар Сашо Саздовски, како и писателите Ивица Џепароски и Блаже Минески.
Одделението за уметност досега брои шест академици, од нив пет редовни: Влада Урошевиќ, Божин Павловски, Митко Манџуков, Газанфер Бајрам и Васко Ташковски, и еден дописен член, Венко Андоновски.
Со новите дописни членови, Одделението за уметност при МАНУ сега брои десет членови, и со тоа станаа најбројно Одделение, и се изедначи со Одделението за медицински науки кое исто така брои 10 членови.
Гласањето е тајно, и избраните дописни членови имаат шанса, по шест години да бидат избрани за редовни членови, секако, ако се изберат на тајното гласање на Изборното собрание на МАНУ.
Големи се надежите, лобирањата и очекувањата да се влезе во највисоката научна и уметничка институција во земјата. Познавачите велат, дека не се во прашање само месечните примања, кои за наши прилики се пристојни, ама заостануваат зад тие на Балканот, туку во прашање е престижот и титулата, како највисоко достигнување во биографијата на еден автор или универзитетски професор.
Само редовните членови на МАНУ можат да се ословуваат како академици, дописните- не. Дописните членови, исто така, го немаат истото право за гласање и функции при одредени прашања во МАНУ. (Л.С.)