Банките и штедилниците ќе ги изгасат светлечките реклами во наредните 30 дена


Банките и штедилниците, членки на Македонската банкарска асоцијација во наредните 30 дена ќе ги изгасат светлечките реклами на нивните објекти и на тој начин ќе придонесат за заштеда на електрична енергија, соопшти МБА. 

„Откако на 9. 11. 2021 година Владата на Република Северна Македонија прогласи кризна состојба во енергетската енергетскиот сектор во траење од 30 дена, Македонската банкарска асоцијација (МБА) го координираше своето членство и едногласно ја поддржа иницијативата според која сите експозитури и централни објекти на членките ќе ги изгаснат светлечките реклами во период од 30 дена“, велат од МБА.

Од таму додаваат дека со овој чекор, банките и штедилниците придонесуваат кон заштеда на електрична енергија и даваат пример за здружено општествено одговорно однесување кое дополнително се пренесува и до сите вработени кај членките, со препорака за рационално користење на електричната енергија не само во работните простории туку и во домовите.

„Со колективни едукативни акции од овој вид можеме долгорочно позитивно да влијаеме врз предизвиците со кои се соочуваме глобално како што се заштитата на животната средина и намалување на ефектите од климатските промени“, се вели во соопштението до медиумите.