Балет за Нуреев отстранет од репертоарот на Бољшој – промовирал ЛГБТ стил на живот


Москва – Московскиот Бољшој театар го отстрани од својот репертоар современиот балет за легендарниот руски танчер Рудолф Нуреев, по проширувањето на законската забрана за „ЛГБТ пропаганда“.

Законот усвоен во ноември ја прошири постоечката забрана за материјали кои се сметаат за промовирање на ЛГБТ начин на живот, а „демонстрирањето“ на ЛГБТ однесување е исто така ограничено.

Поради ова, секое прикажување на хомосексуалноста, како што е односот на Нуреев со мажите по бегството од Советскиот Сојуз во 1961 година, е речиси невозможно, пренесува Хина.

Споменатиот балет во кореографија на Кирил Серебреников има проблематична историја во Русија.

Премиерно беше прикажан во декември 2017 година со задоцнување од неколку месеци, откако тогашниот министер за култура, наводно, проценил дека се работи за геј пропаганда, а не се изведува од 2018 година.

Настапите закажани за 2022 година беа нагло откажани откако Серебреников јавно ја обвини Русија за војната во Украина.

„Нуреев беше отстранет од репертоарот во врска со законот, кој апсолутно недвосмислено пропишува прашања поврзани со промоцијата на „нетрадиционалните вредности“, рече генералниот директор на „Бољшој“ театарот, Владимир Урин.

Серебреников, еден од водечките руски филмски, театарски и телевизиски режисери и сценски дизајнери, јасно ја истакна својата фрустрација.

– Тој кривичен „закон“ е донесен токму против овој балет и против неколку книги… Па добро…“, напиша тој на својот Телеграм канал заедно со три виножита, кои се симбол на ЛГБТ движењето.

Сребреников беше приведен во 2017 година и остана во домашен притвор речиси две години. Во 2020 година беше осуден на условна казна за проневера на државни субвенции. Откако ја вратил сумата, минатата година му беше укината казната.