Бајден бара повисоки царини за челикот и алуминиумот од Кина


Американскиот претседател Џо Бајден повика на тројно зголемување на царините за кинескиот челик и алуминиум пред денешното обраќање пред челичарите во Питсбург.
Повикот доаѓа откако Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (УСТР ) објави дека започнала истрага за трговските практики на Кина во бродоградбата.

Во соопштението објавено денеска, Белата куќа рече дека кинеската политика и субвенциите за домашната индустрија за челик и алуминиум предизвикуваат вештачки пад на цените на кинеските производи, со што ги намалуваат цените на висококвалитетните американски производи, објави француската новинска агенција АФП. 

Бајден денеска треба да им се обрати на работниците од челик во Питсбург, вториот ден од тридневната предизборна турнеја низ државата Пенсилванија. И тој и неговиот веројатен противник на претседателските избори, Доналд Трамп, се обидуваат да ја добијат поддршката на работниците со ветувања за заживување на американскиот производствен сектор, наведува АФП.

Додека УСТР  ги разгледува тарифите за челик и алуминиум наметнати за време на администрацијата на Трамп, Бајден ја повика канцеларијата да ги зголеми тројно тие тарифи. Тие во моментов се поставени на 7,5 отсто.

УСТР објави дека започна истрага во секторите на бродоградба, поморство и логистика, што го побараа некои синдикати минатиот месец, вклучително и синдикатот на работниците во челичарницата. Синдикатите предупредија на „неразумните и дискриминаторски“ политики и практики на Пекинг во тие сектори.

Белата куќа соопшти дека „ја препознава зголемената загриженост дека нефер трговските практики на Кина, вклучително и преплавувањето на пазарот со челик , го нарушуваат глобалниот пазар за бродоградба и ја поткопуваат конкуренцијата“.

Бајден, исто така, неодамна го изрази своето противење на преземањето на „Ју-Ес стил“ (US Steel) од страна на јапонската „Нипон стил“ (Nippon Steel). Белата куќа во денешното соопштение рече дека претседателот ќе продолжи да се залага „Ју-Ес стил“ да остане американска компанија во домашна сопственост и управа.