Бабовски: Храната што ја јадеме е безбедна, ниту една небезбедна пратка не влегува на пазарот


Граѓаните можат да бидат мирни. Храната што ја јадеме е безбедна. Контролите се континуирани и зајакнати, надзорот се засилува, а бројот на инспекции е зголемен, уверува директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски.

Во разговорот за МИА по објавувањето на Извештајот од Европската комисија, Бабовски подвлекува дека има и небезбедни пратки, но ниту една до нив не влегува на пазарот. Веднаш се реагира и се постапува крајно професионално. Производот во соработка со економските оператори, се повлекува од маркетите, но само онаа линија која е пријавена како небезбедна и тука не смее да има никаква забуна или дилема.

Бабовски се осврнува и на конкретните забелешки во Извештајот, на реорганизацијата во работењето на АХВ, но и на проектот за отворање кафилерија со која конечно треба да се реши прашањето за нештетно отстранување на угинатите животни.

Бабовски најавува дека за една или 1,5 година во АХВ треба да профункционира сосема нов софтверски систем кој со еден клик ќе овозможи добивање на сите податоци во секое време.

– Максимално се трудиме во државава да има безбедна храна, независно дали се купува во маркетите, во угостителските објекти или во објектите за брза храна. Граѓаните мора да знаат дека во продажба некогаш останува некоја трговска марка иако одреден лот од нејзиното производство бил пријавен како небезбеден. Тоа не значи дека целото производство од таа трговска марка е небезбедно и штетно. Затоа ние преку соопштенија точно кажуваме кој лот, од кој процес на производството на таа трговска марка се повлекува, објаснува Бабовски.

Тој укажува дека, сепак, и потрошувачите треба да внимаваат што купуваат, да ги читаат внимателно декларациите.

– На пакувањето веќе мора да се обележани и алергените, зошто некоја храна иако е безбедна, не е за секого здрава. Има луѓе со здравствени проблеми. Исто така е важно да се внимава пакувањето на храната да не биде оштетено. Едни со други треба да си помогнеме, истакнува директорот на АХВ.

Во Извештајот на ЕК ветеринарната политика повторно беше една од најдобро оценетите поглавја. Тоа, вели Бабовски, е веќе континуитет.

– Високите оценки на Европската комисија не се прво искуство на АХВ. И во претходните извештаи во континуитет сме ги добивале. Според стандардната скала од еден до пет, дадена ни е оценка четири и со тоа спаѓаме во ретките институции во државата кои се така високо оценети во годинашниот Извештај. Развивме нова стратегија за безбедност на храна која го опфаќа перидоот од 2021 до 2025 година, а Националниот систем за брзо предупредување за храна и храна на животни, како и Системот за внатрешна ревизија и обука се во функција и според условите на ЕК. Постои добро ниво на подготвеност и во однос на ветеринарното законодавство и безбедноста на храната. Системите за контрола на внатрешниот пазар и за увоз на живи животни и производи од животинско потекло, оние за сертификација, софтверските системи и инспекциските места на граничните премини се усогласени со европското законодавство, напоменува директорот.

Според него, тоа во пракса значи комплетна контрола на храната.

– Ако при увоз документацијата е комплетна со сите потребни сертификати и внесена во системот, за еден ден издаваме соодветно решение, документ за реализација на увоз. Но, исто така, ако се работи за небезбеден производ, тогаш реагираме веднаш за да нема застој на кој било терминал зашто ние сме партнери на бизнис заедницата. Робата која е предмет на испитување доколку се јави сомнеж, е под надзор и забрана за ставање во промет додека не излезат анализите, но и тој процес, за кој се задолжени соодветните лаборатории, оди брзо. Не сакаме да предизвикаме никаква штета, вели Бабовски.

Годинава, додава, имаме и статус на земја слободна од чума кај мали преживари што значи дека можеме да пласираме производи надвор.

-Многу држави во нашето опкружување се борат да го достигнат тој статус, а ние тоа го завршивме. Нотиран е и висок степен на спроведување на програмата за заштита од африканска и класична свинска чума, како и од болеста чвореста кожа, потенцира Бабовски.

Но, Извештајот нотира и слабости.

– Имаме три нотирани слабости кои ние и сами ги детектиравме: да се зајакнат капацитетите на АХВ за собирање податоци, нивна верификација и анализа, подобро функционирање на Системот за идентификација и регистрација на животни, како и спроведување активности за одржлива употреба на пестициди. Во однос на првите две забелешки како Агенција веќе постапуваме. Во соработка со ФАО кое финансиски ќе не поддржи, од 1 октомври почна анализата за ново софтверско решение, нов информатички систем на АХВ во кој ќе бидат интегрирани сите постоечки софтвери. Само со еден клик, ќе можеме во секое време да ги добиваме потребните податоци. Процесот е малку посложен, ќе ги земеме предвид и странските искуства. Нема да избрзуваме, но очекувам за година до година и пол системот да профункционира, нагласува директорот.

Во однос на статусот на АХВ и нејзиното реорганизирање, Бабовски предупредува дека мора да се води многу сметка.

– Се јавуваат детски болести и лични желби кои се над институционалните и суштинските потреби за државата. Има една физибилити студија за реформа на јавната администрација изготвена без да се увиди спецификата на секое институција. Не можеме да зборуваме за реорганизација која ќе биде направена по ист принцип во сите институции. Тука не очекува размена на мислења за од едно добро да не направиме три лоши нешта. Да не дзоволиме да направиме администраивна служба која нема да биде во функција на државата и граѓаните, порачува Бабовски.

Во врска со кафилеријата, тој очекува законското решение да биде донесено по локалните избори. Засега нема иницијатива за отворање гробишта за миленици. Труповите на умрените кучиња и мачиња миленици ќе се носат во кафилеријата и таму нештетно ќе се отстрануваат. Според принципот на работа, предвидено е, по пријава на граѓанин, ако му умре миленичето, да дојде соодветна служба и да го земе.

– Се работи на законот за нус производи, на негови измени и дополнувања. Очекувам по завршувањето на локалните избори, Владата да го предложи законот до Собранието и, бидејќи е со европско знаменце, да се донесе без никакви проблеми. Конкретно, станува збор за нештетно отстранување лешеви од животни и нус производи од кланичната индустрија. Тоа ќе значи изградбата на кафилеријата. Локацијата засега е кон Лозово. Имаме добра соработка со Општината која треба да одреди парцела во индустрискиот дел. Се работи за незагадувачка индустрија иако зборуваме за лешеви, мрши, производи кои се отпад. Всушност, тоа на крај ќе овозможи нештетно да се добијат производи што ќе се користат за исхрана на домашните животни. Ќе има погон за нештетна преработка на конфискатите и лешевите. Ќе биде јавно претрпијатие, а ние преку законското решение ќе овозможиме таквата фабрика да се стави во функција. Мртвите животни ќе се прибираат таму и ќе нема потреба од посебни гробишта за миленици или сточни јами како што сега се решава проблемот, со сточни јами на депониите во одредени градови, вели Бабовски.