Владата ги извиси земјоделците, вели Филипче
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Свети Николе, каде што имаше средби со граѓани и со земјоделци, на кои што разговараше за секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните од овој регион. Филипче нагласи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ во среде криза ги оставила граѓаните без помош, а земјоделците ги извиси.
„Граѓаните ги споделуваат со нас секојдневните проблеми огромни, натрупани, без никаква грижа и помош од власта. На огромни трошоци за горивото коешто достигна и 105 денари за литар, нема никаква помош за ниту една критична категорија на граѓани на коишто им е навистина потребна. Пензионерите се со најмалите пензии, социјалните случаи, семејствата со многу деца и луѓето со минимална плата“, рече Филипче.
Филипче посочи дека СДСМ во Собранието предложи мерки за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и финансиска поддршка за земјоделците погодени од кризата. Тој порача власта да ги разгледа овие предлози и да одговори на барањата на граѓаните.
„Разговаравме за нашите предлози во Собранието, предлог-закон за зголемување на минималната плата од 600 евра и предлог-закон за поддршка финансиска во оваа криза во која се наоќа земјоделството, за што се надевам дека оваа ненародна, криминална, корумпирана и антимакедонска власт навистина ќе излезе во пресрет и ќе даде поддршка, односно дека барем еднаш во овој изминат период ќе го слушне гласот на народот“, рече Филипче.