Азиски берзи: „Евергранде“ продолжува да ги загрижува инвеститорите


На азиските берзи се тргуваше претпазливо во петокот, бидејќи инвеститорите се уште се загрижени за ситуацијата околу кинеската компанија „Евергранде“, па затоа не беа охрабрени од вчерашниот силен раст на цените на акциите на Волстрит.

Берзанскиот индекс MSCI Азија-Пацифик, без јапонски акции, беше околу 7 часа речиси непроменет од вчера, додека на неделно ниво беше намален за 0,6 проценти.

Утрово на берзата во Токио, индексот Никеи скокна за околу 2 проценти, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Хонг Конг и Австралија се лизнаа помеѓу 0,1 и 0,5 проценти.

Азиските берзи се претпазливи бидејќи инвеститорите и понатаму се загрижени за кинеската компанија за недвижности „Евергранде“. Цената на нејзиниот удел падна утрово за 7 проценти, откако медиумите пишуваа дека кинеските власти им рекле на локалните лидери дека се подготвуваат за евентуално пропаѓање на „Евергранде“.

Проблемите на „Евергранде“, предизвикани од падот на продажбата и огромните долгови, со денови вршат притисок врз кинеските пазари, бидејќи може негативно да влијаат на целиот сектор на недвижности.

Меѓутоа, инвеститорите веруваат дека кинеските власти ќе дојдат на помош, доколку е потребно, и доколку постои ризик проблемот да се прелее на целиот сектор.

Инаку, медиумите пренесуваат дека „Евергранде“ не понудил никаква информација дали ја платил траншата од обврзниците. Инвеститорите ширум светот го чекаа крајот на вчерашниот ден како сигнал дали кинеската влада ќе му помогне на сопнатата компанија во последен момент.

Износот на ратата што доспеа во четвртокот се проценува на 83 милиони долари. Тоа беше за обврзница во вредност од 2 милијарди долари, која треба да досепее во март 2022 година. Обврзниците во долари обично ги држат странски инвеститори.

До петокот наутро по азиско време, компанијата не понуди никаква најава, ниту пак извештај до берзата во Хонг Конг, оставајќи ги инвеститорите во неизвесност.