Азески во Брисел на средба со претставници на Асоцијацијата на европски комори
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во седиштето на Асоцијацијата на европски комори во Брисел оствари средба со Ваутер ван Хилк, потпретседател на Eurochambres и генерален менаџер на Федерацијата на белгиски комори и со генералниот секретар на EUROCHAMBRES Бен Бутерс.
На средбата е разговарано за натамошното унапредување на соработката меѓу Стопанската комора и EUROCHAMBRES, како и за поактивно вклучување во процесите на креирање европски економски политики и иницијативи од интерес за бизнис-заедницата.
Во разговорите, како што соопшти Стопанската комора, е истакната важноста на силниот и инклузивен коморски систем, кој ќе обезбеди поефикасно застапување на интересите на компаниите, ќе придонесе за подобрување на деловното опкружување и ќе создава конкретна додадена вредност за своите членки.
– Посебно внимание му беше посветено на процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан. Соговорниците се согласија дека стопанските комори имаат значајна улога во поддршката на реформските процеси, јакнењето на конкурентноста на компаниите и во продлабочувањето на економската соработка меѓу Европската Унија и земјите кандидати за членство. Во таа насока, беше истакната и улогата на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6 CIF) како најрепрезентативна регионална бизнис-мрежа, која преку заедничко дејствување на шесте стопански комори од Западен Балкан може да даде значителен придонес во процесите на економска интеграција и застапување на интересите на компаниите од регионот, информира Стопанската комора.
Изразена е заедничка подготвеност за продлабочување на соработката преку реализација на нови заеднички проекти меѓу Стопанската комора на Северна Македонија, EUROCHAMBRES и стопанските комори од Западен Балкан, со цел размена на добри практики, зајакнување на институционалните капацитети и отворање нови можности за компаниите во рамките на европскиот економски простор.