Азески: Економијата не е тема која може да чека до бесконечност


Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во колумна вели дека економијата не е тема која може да чека до бесконечност, како и дека Управниот одбор на Комората укажува дека се засилуваат дефицитите во македонската економија што ќе влијае на ново задолжување. Затоа треба особено да се внимава на предизборните трошења кои што ќе следат во наредниот период, да бидат под контрола и намалени.

Како што објаснува Азески, на седница на УО се дискутирало за актуелната економска состојба во државата која, како што наведува,  ја зголемува и онака присутната неизвесност на реалниот сектор.

„Да се биде во чекор со настаните несомнено бара голем ангажман, визионерско размислување, како и соодветни технички и кадровски потенцијали за да се одговори на барањата и потребите на компаниите. Што значи, подготвени сме заедно со сите носители на економските политики да изградиме просперитетна држава и не се откажуваме од таа цел“, посочува Азески.

Во колумната укажува дека Стопанската комора останува на позициите на кои беше, е и ќе биде дека е независна, непрофитна и невладина институција која функционира со една цел – креирање предвидлив амбиент за водење бизнис, поголем профит и отворање на нови работни места, потоа дека сите бизнис организации во нашата држава се партнери на Комората кои ја остваруваат истата цел и со нив соработката ќе се интензивира, како и дека Декларацијата за општествен консензус за економски реформи во наредните десет години е најдобрата почетна точка за промените, а договорот за соработка меѓу приватниот и јавниот сектор треба да е старт на процесот кој ќе не доведе до европските стандарди, владеење на правото и пазарната економија.

Азески исто така посочува дека Управниот одбор на Комората потенцирал дека членките на Комората редовно ги извршуваат своите финансиски обврски кон државата, и затоа бараат истото тоа (редовно плаќање на финансиските обврски) да го прави и државата кон нив и да го преиспита конечно, нивното децениско барање за промена на член 218 од Законот за извршување.

Во колумната се наведени и другите барања од Комората: прецизна примена на концептот даночен календар во кој нема да има промена во даночната регулатива доколку истата не е најавена шест месеци пред стапувањето во сила, а со која се воведуваат нови финансиски обврски спрема компаниите; конечно да се определи рок за да се елиминираат парафискалните давачки; прецизна агенда за промена на структурата на буџетот кој со 47,3 отсто социјални трансфери не дава гаранција за развој; целосна имплементација на Стратегијата за извозот 2024-2027 година; прецизно утврден рок за реформи во јавната администрација со воведување на мораториум на нови вработувања и врзување на нивните плати со растот на БДП; радикално скратување на трошоците на Буџетот за непродуктивни трошења; како и дека Стопанската комора бара законска одредба дека на секој економски закон ќе мора да се направи анализа после шест месеци од неговата примена.

„Комората повикува на почитување на врвниот принцип на лојалност кон државата, а сите наши членки и поединци се должни да го следат примерот на оние наши претставници кои тоа јавно го направија“, вели Азески.

Тој на крајот потсетува дека најавил дека Комората работи и на предлагање на големи инфраструктурни проекти за искористување на компаративните предности на Македонија.

„Управниот одбор формира група на експерти кои заедно со Стручната служба на Комората ќе предложат соодветни решенија“ вели Азески приложувајќи фотографии на кои се гледа „мала статистика за железницата и веќе изградениот нафтовод“.