Азербејџан освои делови во Нагорно Карабах


Азербејџан во судирите со ерменските сили освои неколку локации во Нагорно Карабах.

– Азербејџан успеа да го придвижи бојното поле подлабоко во конфликтниот регион, изјави Араџик Харутјунјан, регионален лидер на Нагорно Карабах.

Ерменската војска потврди дека азербејџанските сили успеале да навлезат во нови подрачја, што е првпат Ереван да признае воен напредок на своите непријатели.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев напиша на Твитер дека се освоени осум села.

Баку објави дека азербејџанската војска вкупно освоила 45 места во Нагорно Карабах, што ерменските трупи првично негирале.

Азербејџанската државна телевизија објавила снимки на кои луѓе на улица слават со огномет.

Ерменија соопшти за неколку стотици загинати од почетокот на конфликтот на 27 септември, додека Азербејџан не ја открива таа бројка, но објави дека се убиени 43 цивили.

Алијев за турската телевизија „Хабер Турк“ изјави дека воената офанзива на неговата земја продолжува, повеќепати жалејќи се дека мировните разговори во изминатите три децении не доведоа до мирно решавање на спорот околу Нагорно Карабах.