Автопатот Прилеп-Битола готов до 2027 година, очекува Мицкоски


Трасата на автопатот Прилеп – Битола ќе се движи паралелно или по линија на постојаниот магистрален пат Прилеп – Битола. Нема да има село кое што нема да биде поврзано со другата страна на автопатот без разлика на која страна е селото, бидејќи има голем број на потпатници и натпатници, а исто така има и пет клучки со кои се спојуваат Прилеп и Битола и три по трасата.  Треба да биде готов за три години. 

„Исклучително сум задоволен што можеме конечно на терен да ги видиме сите оние работи коишто во позадина се прават, меѓу кои е и процесот на деминирање, решавање на имотно правни односи, експропријација, целата онаа логистика којашто е вклучена за да овој проект добие конечно вистинско значење, а тоа е дека почнува на терен да се реализира“, рече премиерот Христијан Мицкоски по извршениот надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д.

„Отворен е простор од 8 километри на целата траса, деминиран комплетно, решен имотно правно како што кажа и директорот на ЈПДП, во периодот којшто следи и тие преостанати 350 парцели ќе бидат имотно правно решени, битно е дека ние сме практично пред динамиката којашто ја имаа градежната компанија за да не го кочиме процесот и од она што можев во неформален разговор од одговорните да го слушнеме е дека до отприлика крајот на 2027 година, отприлика 3 години ќе бидат потребни за да ова овдека се заврши“, рече премиерот.

„Навистина ова е значаен ден за целиот Пелгониски регион. Многу значајна работа и за Прилеп, за Битола, за Могила, Новаци, Ресен Кривогаштани, ако сакате и за Охрид бидејќи ова е алтернативен пат и за Охрид. Но најважното е дека овој автопат води до два големи центри во Македонија, до Прилеп и до Битола, а тука води и до границата со Грција, до нашиот втор граничен премин со Грција, што значи целосно отворање и за туризмот и за економијата.

Ова значи заживување на економијата за целиот Пелагониски регион, добрите економски перформанси во овој регион дополнително се надградуваат, да се отвораат нови добро платени работни места и луѓето да ја видат својата иднина тука.

„Можам со задоволство да кажам дека со завршувањето на овој автопат од Прилеп до Битола, како и со пуштењето во функција на експресниот пат од Градско до Прилеп кој што оди во три сексции и тоа од Градско до Дреново ќе биде готов до Нова година, Дреново до Фариш некаде март следната година и во текот на следната година и од Фариш до Прилеп, и кога ќе се заврши и овој автопат од некаде четириесетина километри, очекувам за три до три и пол години од денеска, од Скопје до Прилеп да се патува во едно пријатно патување од еден час и детсетина минути, а до Битола еден час и триесет минути, што целосно ќе ја промени реалноста во регионот, во делот на економијата, во делот на комуникацијата и во делот на напредокот.