Забрана за тешки товарни возила на автопатот Миладиновци – Штип – превртено е возило


Поради превртено возило, денеска од 16 часот во прекин е сообраќајот за тешки товарни возила на патниот правец Штип – Миладиновци, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), а забрана за сообраќај за тешки товарни возила има и на кракот Маврово – Дебар.

На патниот правец Свети Николе – Миладиновци, на 10 километри пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно возење.

Автопатот Миладиновци – Штип во моментов е прооден за сите видови возила, информира претходно МВР д каде апелираат до возачите да возат внимателно и да го прилагодат движењето спрема условите на патот. 

Инаку, претходно, се случија три сообраќајни несреќи на патните правци од Скопје кон Штип и Велес. Како што информираа  од СВР Скопје сообраќајките биле пријавени попладнево. Од нив две сообраќајни несреќи се случиле на патниот правец Скопје – Штип, а третата на патниот правец Скопје – Велес.

Поради сообраќајна несреќа кај селото Коњари, сообраќајот на патниот правец Миладиновци – Штип беше во прекин за сите видови возила, информира АМСМ. 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, на некои повисоки места наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, Стража, Маврово, Гостивар, Дебар, Крушево, Кичево и на планинските премини Буково, Ѓавато и Пресека.

Намалена видливост до 50 метри поради магла има на планинскиот превој Ѓавато.