Австрија за уште шест месеци ги продолжува граничните контроли со Чешка, Словачка, Унгарија и Словенија


Австрија ги продолжува граничните контроли на границите со Чешка, Словачка, Унгарија и Словенија за уште шест месеци, со цел да ја зајакне борбата против трговците со луѓе и дополнително да ја ограничи нелегалната миграција.

Австриската армија, исто така, ќе продолжи да учествува во граничната безбедност во источната покраина Бургенланд, каде само минатата недела беа фатени две лица како нелегално ја преминуваат границата.

Австриското Министерство за внатрешни работи соопшти дека мерките се координирани со соседните земји.

Покрај Австрија, Германија, Холандија, Франција, Норвешка, Шведска, Данска, Италија, Полска и Шпанија вршат внатрешни гранични проверки во Шенген зоната.

– Европскиот пакт за азил ќе доведе до понатамошен развој на заштитата на надворешните граници на ЕУ, но на австриските граници сè уште се потребни дополнителни мерки. Целта е да се отстранат трговците со луѓе и криминалците од циркулацијата и што е можно повеќе да се олесни секојдневното патување до работа на луѓето од соседните земји кој работат во Австрија, нагласи австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.