Австрија во шок: Брутално претепани деца, жртва и Македонец


Австриската јавност е во шок по видео – снимката што кружи на социјалните мрежи на која се гледа како малолетни деца претепуваат двајца врсници. Утврдено е дека станува збор за снимка направена со мобилен телефон, при што е прикажана случка од Салзбург, која датира од јули минатата година, а жртви се деца од Македонија и од Србија.
Тамошното обвинителство одлучи да покрене обвинение за нанесување тешки повреди против тројцата напаѓачи на возраст од 14 до 16 години.
На снимката, како што пренесуваат српските весници, се гледа како една група им се заканува на двајца ученици, потоа ги опколува и ги удира. Тројцата напаѓачи се Австриец и двајца руски државјани, кои крвнички ги претепуваат жртвите.
Во време на нападот, момчето од Македонија има 12 години, а неговиот другар една година повеќе. Македонецот се здобил со хематоми од тупаниците и ударите со нога што завшриле во неговото лице.

Според Обвинителството, нападот се случил на 11 јули минатата година и очигледно станува збор за одмазда, затоа што Србинот, наводно, претходно претепал пријатели на напаѓачите и тоа го снимал со мобилен, како што сега му направиле нему.

Осомничените малолетници мораат пред судот да одговараат и за голем број други кривични дела.