Австрија не планира да се приклучи на НАТО


Белгија– По објавените кандидатури на Шведска и Финска за влез во НАТО, министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг рече дека Австрија не планира да се приклучи на воената алијанса.

– Имаме сосема поинаква географска ситуација, изјави Шаленберг на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

– Имаме многу поинаква историја и верувам дека тоа едноставно мора да се земе предвид, додаде тој.

Сепак, тоа не значи дека Австрија е политички неутрална.

– Нема неутралност во војна за агресија, рече тој, мислејќи на руската инвазија врз Украина. „Зазедовме многу јасен став, ги поддржуваме сите санкции и правиме што можеме од наша страна во однос на поддршката, додаде шефот на австриската дипломатија.

На прашањето дали безбедноста на Австрија може да се гарантира и покрај тоа што останува надвор од НАТО, Шаленберг рече дека Австрија има намера да ги зголеми инвестициите во својата безбедност.

– Беше важно да се сфати дека светот не е толку пријателски како што би сакале да биде, рече тој, додавајќи дека има држави кои биле подготвени да употребат воена сила за да ги задоволат своите интереси.