Авионот се користи согласно со прописите, реагира Владата


Фото: Б. Грданоски

 

Прес-службата на Владата денеска соопшти дека државниот авион се користел согласно со прописите и актите и дека ниема никаква злоупотреба. Реакцијата доаѓа откако вчера прво Телма ги објави сите летови на министрите и други функционер од јули 2024 до крајот на 2025. Според тие податоци добиени официјално најмногу го користела претседателката Гордана Сиљановска-Давкова (13 пати), а по неа министерот за транспорт Александар Николоски (11 пати). Премиерот Христијан Мицкоски го користел три пати, од кои два се најпроблематични – во Сплит лани во август, а потоа и во Белград. Во податоците за него не се наведени другите патници.

„Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола. Ниту една активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба.
 
Особено е симптоматично што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер. Јавноста добро знае дека истиот воздухоплов беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани“.
 
Владата вели дека „политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш“.
 
Според Владата, „денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија. Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби“. И додава – „ние немаме што да криеме“.

Патувањето на Мицкоски во Сплит и Белград вечера го осуди претседателот на СДСМ, Венко Филипче, а денеска посебна прес-конференција имаше порпаролката на опозициската партија, Богданка Кузеска.

Сиљановска и Николоски како да не се симнале од државниот авион – летале повеќе од сите