Авион на „Делта“ полета од Милано за Њујорк, но оштетен од град принудно слета во Рим


 

Патнички авион на американската компанија „Делта ерлајнс“ кој денеска полета од аеродромот во Милано кон Њујорк, беше толку погоден од град што набрзо принудно слета во Рим, јавија италијанските медиуми, а потврди и авиокомпанијата.

Ударите од мраз го оштетиле носот на авионот и трупот во близина на крилата.

„Делта“ соопшти дека авионот на релација DL185 „од Милано до аеродромот Џон Фицџералд Кенеди во Њујорк бил пренасочен кон Рим откако наишол на многу неповолни временски услови по полетувањето“.

Авиокомпанијата призна дека имало „одредена штета“ на авионот, но не прецизираше каква и додаде дека во тек е проценка. Според авиокомпанијата, авионот слетал безбедно, а патниците нормално се симнале.

Милано се наоѓа во регионот Ломбардија, кој во последните денови беше погоден од силно невреме и град со големина на тениско топче.

Во Ломбардија денеска загина една жена откако врз неа падна дрво.