Астрономите открија јато од 70 скитачки планети во близина на Сончевиот систем


Астрономите ја открија досега најголемата група планети – „скитници“ во универзумот. Помеѓу ѕвездените системи и црните дупки во вселената има огромно пространство, а во еден дел од универзумот астрономите неодамна открија најмалку 70 скитачки планети кои патуваат низ вселената сами или кои немаат матична ѕвезда околу која орбитираат.

Студијата објавена во средата во научното списание Nature Astronomy ги презентираше деталите за откритието. Секоја од овие скитачки планети има маса колку Јупитер, а се наоѓаат околу соѕвездијата Скорпија и Змија. Двете соѕвездија се области на формирање на ѕвезди и се релативно блиску до нашиот Сончев систем.
Сепак, и покрај тоа што се блиску до толку многу вселенски сили, овие џиновски планети всушност летаат сами низ вселената. На нив нема работи што ги земаме здраво за готово, како што се изгрејсонце и зајдисонце. На овие планети нема годишни времиња и топлина.

Иако астрономите не знаат со сигурност како овие планети стигнале до местото каде што се, тие имаат неколку идеи за тоа како тоа можело да се случи. Некои од нив претпоставуваат дека биле исфрлени од матичните ѕвездени системи, додека други веруваат дека можеби настанале со колапс на гасен облак кој бил премногу мал за да формира ѕвезда, пишува Cnet.

Всушност, може да има безброј причини зошто овие планети талкаат по Млечниот Пат без ѕвезди, вели Ерве Буј, главен автор на студијата и астроном во Laboratoire d’Astrophysique во Бордо, Франција.

Откривањето на група од 70 планети – скитници всушност доаѓа како големо изненадување. Пронаоѓањето на планетите скитници е обично тежок процес поради отсуството на придружни ѕвезди за да ги осветлат.
Светлината на овие објекти е исклучително слаба и малку може да се направи за да се проучуваат од постоечките опсерватории, истакнува Буј.

За да се надминат вообичаените ограничувања, астрономите користеа куп податоци собрани од два телескопи на Европската јужна опсерваторија (ESO) – многу големиот телескоп и видливиот инфрацрвен телескоп за астрономија (Very Large Telescope и Visible Infrared Survey Telescope for Astronomy), пренесува Дневник.хр.

Со прегледување на десетици илјади широкоаголни слики од објектите на ESO, што е еквивалент на десетици терабајти податоци и стотици часови набљудување, астрономите ги измериле ситните движења, боите и светлината на десетици милиони извори на поголемиот дел од ноќното небо. 

Истиот тим има намера да користи уште една сложена алатка за анализа на небото во понатамошните истражувања. Станува збор за екстремно големиот телескоп, кој е во изградба во чилеанската пустина Атакама.
Според креаторите на овој телескоп, тоа ќе биде првиот телескоп кој ќе пронајде живот надвор од Сончевиот систем. Тој ќе го набљудува универзумот уште подлабоко и со супер висока резолуција, ќе открие сосема нови планети, па дури и ќе ја истражува природата на темниот универзум.