АСО со обуки ќе ја гради и зајакнува финансиската едукација на средношколци – математичари


 Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ќе дава континуирана поддршка со обуки за финансиска едукација на младите математичари – средношколци и во рамки на своите надлежности и можности, активно ќе ги поддржува средношколците математичари на национални и меѓународни натпревари и олимпијади.

За таа намена АСО и Сојузот на математичари на Македонија (СММ) склучија Меморандум за соработка кој го потпишаа Крсте Шајноски, претседател на Совет на експерти на АСО и Ѓорги Маркоски, претседател на СММ, стручно здружение кое ги организира подготовките на нашите претставници за секоја економска олимпијада за средношколци – математичари.

-АСО во ко-организација со СММ ќе организира обуки за зајакнување на финансиската едукација на средношколците. Меморандумот опфаќа бројни заеднички активности за поддршка на младите математичари со особен акцент на нивната финансиска едукација и подоброто користење на финансиските производи и услуги, велат од АСО.

Со овој меморандум, додаваат, се продлабочува и зајакнува соработката меѓу АСО и СММ која започна во првата половина на годинава.

-Тогаш стручни лица од АСО одржаа обука за нашите средношколци математичари и економисти имаа голем успех на кои на балканската олимпијада во соседна Грција. Во јуни годинава на Меѓународната економска олимпијада за првпат нашите претставници се закитија со бронзен медал кој покрај индивидуалните резултати покрива и тимски настап во изработка на бизнис студија, прецизираат од АСО. 

Преку овој проект, како што нагласуваат, АСО ја зајакнува и својата соработка со Природно-математичкиот факултет при УКИМ, кој е матична организација на математичарите од СММ.