Арсовска се зафати со кружниот во Автокоманда


Кружен тек во Автокоманда на крстосницата кај „Меркур“, планиран е одамна, а актуелната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска, сега уверува дека токму таа ќе го изгради.
 
– Стратешкиот проект кој беше ветуван од повеќе градски раководства над две децении, а при тоа иако ветуван не беше изготвена ниту проектна документација, полека станува реалност низ проектите кои се започнуваат со реализација од Програмата За модерно Скопје.
Кружниот тек во Автокоманда, на булевар “Александар Македонски“ кај „16. Македонска бригада“ се проектира, а се изработува и основен проект за сите останати фази за ул. „16-та Македонска бригада“ од крстосницата до пристапната улица за црквата „Св. Архангел Михаил“.
На крстосницата на булевар „Александар Македонски“ со улицата „16.Македонска бригада“ предвиден е кружен пешачко – велосипедски натпатник кој ќе овозможи пешаците и велосипедистите да се движат безбедно без контакт со преостанатите учесници во моторниот сообраќај – појаснува Арсовска на Фејсбук.
 
Во основниот проект се предвидени велосипедски патеки за целиот опфат и пешачки патеки независни од коловозот. При реализација на овој проект се предвидува воспоставување нов сообраќаен режим, односно ќе се овозможи слободен и побрз проток на сообраќај без застанување, што ќе придонесе и за помало воздушно загадување во овој дел на градот.