Арсовска: Реконструкцијата на Универзална оди бавно, оти проектот не бил безбеден

Универзалната сала во Скопје се реконструира, но со намалена динамика, затоа што се откриени проблеми во проектот, кои може да предизвикаат загрозување на безбедноста на граѓаните, тврди градоначалничката Данела Арсовска.
– Поради грешка во проектната документација, продолжувањето какви било градежни активности предвидени во првичниот проект за реконструкција на Универзалната сала значи опасност по безбедноста на граѓаните. Има грешки во проектот и поради тие грешки наместо планираните столбови постојното решение потребно е да се зајакне со дополнителни 2 носечки столба, но детектирани се и бројни други недостатоци – рече Арсовска на денешната прес-конференција пред Универзалната сала.
Реконструкцијата на Универзалната сала во моментов се одвива фаза во која се прави реконструкција на фасадата и кровен покривач, додека за следна фаза за внатрешното уредување на објектот воопшто не е изработена ни проектна документација за изведба на внатрешниот дел. Овие информации се јасно наведени и во извештаите за текот на активностите во врска со реконструкција и адаптација на Универзалната сала, тври Арсовска.
– На 6 јули 2021 година е изготвен записник во којшто јасно се нагласува дека постојат проблеми со постојната состојба на проектот, односно неусогласеност на проектот со постојната состојба на Универзална сала, а дополнително новопроектираните конструктивни елементи е предвидено да се постават врз трафостаница во рамки на постојниот објект, за која што постои проблем во нејзината дислокација – вели Арсовска.

Дополнително, во август лани, изготвени се нови записници, каде се нотирани проблеми за постојните конструктивни елементи, незадоволувачки параметри на армирано-бетонската конструкција и незадоволително ниво на арматура во неа, при што се очекува извештај од ЗИМ за начин на санација или рушење на тие армирано-бетонски елементи, изјави Арсовска.
Во октомври лани бил одржан состанок во Град Скопје на кој покрај претставници на фирмите проектант, изведувач и надзор на градежните активности присуствувале и тогашниот секретар на Град Скопје и секторски претставници кои заклучиле дека постојат сериозни технички проблеми и недостатоци во процесот на реконструкција на Универзална сала, за што е потребно да се направат измени во проектот. Оваа одлука е одбиена од страна на Општина Центар и не е издадено решение за измени во тек на градење, при што е побарано да се аплицира со нов проект и ново одобрение за реконструкција на Универзална сала.
„Надзорниот инженер дал препорака да се урнат или демонтираат конструктивните елементи, кои не ги задоволуваат карактеристиките согласно извештајот од ЗИМ, а да се демонтираат и челични елементи кои се кородирани на споевите и се проценети како несигурни и опасни за безбедноста на објектот“, додаде Арсовска.

Таа додаде дека затекнатата состојба на терен во однос на тоа како се трошеле средствата донирани од Владата за реализација на овој проект која обезбедила 120 милиони денари, укажува на непланско и несоодветно искористување на средствата, без притоа да имаат целосна техничка документација и дополнително да се осигураат дека овој објект ќе биде безбеден да може да се користи и дека еден ден нема да се сруши додека има полна сала граѓани внатре.
Арсовска истакна дека и покрај овие пропусти и аномалии во работењето на претходното градско раководство, реконструкцијата на Универзалната сала не е запрена и таа ќе продолжи соодветно со новото техничко решение кое ќе обезбеди поголема безбедност за објектот и граѓаните.

Арсовска не прецизираше кој ќе го изработи решението, ниту од кого ќе се бара да направи побезбеден преокт, но очекува решението да биде доставено за две недели. Арсовска, според сегашната динамика вели дека не може да се прецирира кога ќе биде готова Универзалната сала и кога ќе може да се стави во употреба.
Градежното проектантско трговско друштво „Универзал-Балкан“ беше избрано за носител на групата проектанти која за 2 милиони евра треба да изврши реконструкција на фасадата и кровот на Универзална сала.
Вкупната вредност на договорот изнесува 115 милиони денари. Рокот на договорот изнесуваше три месеци, а операторот требаше да обезбеди 50 работници со полно работно време.

Договорот вклучува рушење и демонтажа на фасадата, но и на куполата, подовите и другите елементи, ископ, бетонирање, армирање, монтажа на челична конструкција, нанесување на фасадата. Универзална сала треба добие нови врати, нов челичен лим на покривот и нова изолација.
Со усвојување на ребалансот на Буџетот за 2020 година, Владата за овој култен објект во Скопје одвои средства во износ од 120 милиони денари.
Проектот за реконструкција на Универзалната сала е изработен и е донација од познатиот архитект Бујар Муча.