Арсовска не знае кога ќе биде пуштена улицата „Есенинова“, готова од октомври лани
Улицата „Есенинова“ која ги поврзува Чешма во Кисела Вода, до булеварот „Трета македонска бригада“ на влезот во Аеродром во Скопје со години се најавува како добро решение за растоварување на сообраќајот, но и како трето поврзување на овие две општини, сепак, градоначалничката Данела Арсовска не знае кога ќе биде пуштена во употреба, иако е готова од октомври лани.
„Немам информација кога точно ќе биде пуштена во употреба. Како што можете да видите, сето она што е во надлежност на градот ќе биде реализирано со најбрза можна динамика со којашто може да се постапи. Вие и самите знаете дека Градот е затекнат во состојба во која што верувам дека граѓаните треба да се информираат, немаме намера да се жалиме, имаме намера да ги решаваме проблемите, меѓутоа претходното раководство го остави овој град девастиран, со големи проблеми и ние ќе ги решаваме во најкраток можен рок што можеме“, одговори Арсовска на новинарско прашање на настанот по повод големото чистење на улиците низ главниот град, токму кај Чешма во Кисела Вода.
Улицата „Есенинова“, која беше пробиена од Чешма во Кисела Вода, до булеварот „Трета македонска бригада“ на влезот во Аеродром, претставува трето поврзување на двете големи општини Кисела Вода и Аеродром.
Со изградбата на „Есенинова“ се поврзуваат булеварите „Борис Трајковски“ и „Трета Македонска бригада“ во Аеродром. Оваа улица е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар.
Булеварот „Трета македонска бригада“ е долг повеќе од 2,6 км, а има само две поврзувања: едното кај булевар „Србија“, со булеварот „Борис Трајковски“ и второто кај Тутунски комбинат каде се создава голем сообраќаен метеж.
Со новата улица се скратува движењето, не мора да се оди на крстосниците кај Тутунски комбинат и метежот ќе се преполови. Ова служи за граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба, кон Рампа и Чешма во Кисела Вода и со тоа се избегнува тесното грло кај Тутунски комбинат.
Новоизградената улица „Есенинова“ е долга 730 метри, со променлива ширина, односно, има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во „Трета македонска бригада“. Поставено е улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа, а за тоа се дислоцираа постојните резервоари и бунари кои се наоѓаа на таа локација. Вредноста на изградбата на оваа улица е изнесуваше околу 71 милион денари со вклучен ДДВ.
Изградбата на оваа улица ја преоктираа и ја најавуваа градоначалници во повеќе мандати и на Кисела Вода и на Скопје. нејзината изградба ја започна Петре Шилегов.
Не се знае ни кога ќе биде пуштен во употреба мостот „Михајло Апостолски“
Мостот во Аеродром, за кој Арсовска велеше дека ќе служи за ловење риба, затоа што од страната на Ќерамидница има многу нерешени имотно-правни спорови, па тој не води никаде, речиси е завршен и чека на официјално пуштање во употреба.
– Со мостот во Аеродром динамиката е токму онака како што треба, беше оставено во лоша состојба со многу ненадминати имотно-правни односи и верувам дека воопшто не требало да отпочнат со работа имајќи го во предвид колку проблеми имале на самата траса ние сега тие проблеми ги решаваме, и во интерес на граѓаните ниту еден од роковите нам да биде пробиен, туку ќе биде токму онака како што треба да биде – одговори градоначалничката Арсовска.