Арсовска: Мостот во Аеродром ќе служи за ловење риба

Градоначалничката Данела Арсовска вели дека за да се заврши мостот во Аеродром ќе бидат потребни десет години


данела Арсовска нема намера да продолжи да го гради речиси завршениот мост на Вардар во Аеродром (Фото: Б. Грданоски)

Мостот во Аеродром во Скопје на крајот од булеварот „АСНОМ“ што требаше да поврзува три општини Аеродром, Гази Баба и Центар ќе служи за ловење риба.

Градоначалничката Данела Арсовска вели дека за да се заврши мостот во Аеродром ќе бидат потребни десет години.

„Има 11 спорови. 25 предмети се во подготовка, а има и 44 барања за приватизација, од кои 16 се со кориснички права“, вели Арсовска.

Мостот ќе биде за ловење риба, додава Арсовска, затоа што тој постои, но нема каде да продолжи.

Данела Арсовска  (Фото: Независен весник)

Според неа, прво требало да се решат имотно-правните односи со сопствениците на куќите во Ќерамидница. Признава дека за него има проект, каде треба да поминува новиот булевар, што беше проектиран по средината на населбата и да излегува кај стариот скопски саем, па не може сега преку ноќ да се смени трасата и го следи постоечкиот пат.

Откако е почната изградбата на мостот, кејот на Вардар кој служи за рекреација на скопјани е непрооден. Уште колку време ќе остане таков не може да се заклучи од одговорите на градоначалничката.

Новиот премин преку Вардар е долг околу 400 метри, од кои самиот мост е 150 метри. Има шест коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни.

Беше планирано со него граѓаните од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе стигнуваат за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. По овој мост се планираше да сообраќаат и нови автобуски линии кои дополнително ќе го намалат сообраќајниот метеж.