„Арселор Митал“ најави отпуштање на 600 работници во Франција


Гигантот во челичната индустрија „Арселор Митал“ најави дека ќе отпушти 600 работници од седум свои погони во северна Франција, како дел од планот на компанијата за укинување на 1.400 работни места во фабриките низ цела Европа. 

Ваквата одлука на компанијата предизвика жестока реакција на синдикатите кои обвинуваат дека компанијата планира да го пренасочи производството во Индија и Бразил за да обезбеди помали производни трошоци. 

– Ова е нокаут, ова е касапница, изјави генералниот секретар на француската Генерална конфедерација на трудот (ЦГТ), Гаетан Лекок. 

Според Лекок, „Арселор Митал“ сака да се повлече од европскиот континент и да произведува челик во Бразил и Индија, каде маржите на профитот се многу повисоки отколку во Европа. 

Претставник на синдикатот во изјава за париски „Монд“ тврди дека околу 200 работни места во помошните сектори на компанијата, како човечки ресурси, набавки, маркетинг и ИТ, ќе бидат „префрлени“ во Индија, додека останатите 400 „едноставно ќе бидат укинати“. 

Ваквата одлука „Арселор Митал“ ја образложи со преземените „мерки за преструктуирање“, чија цел е прилагодување на новиот пазарен контекст и обезбедување конкурентност на компанијата. 

Првиот човек на француската филијала на „Арселор Митал“, Ален Ле Гри де ла Сал уште во јануари изјави дека компанијата е погодена од „длабоката криза“ со која се соочува европската челична индустрија, предизвикана од „прекумерното ниво на увоз“ на челик во Унијата, растот на цените на енергијата и неефикасноста на Механизмот на ЕУ за прилагодување на нивото на јаглерод (CBAM). 

Сето ова, според Ле Гри де ла Сал, ја прави европската челична индустрија помалку конкурентна во однос на производните капацитети во Азија и Америка.  

– Кинескиот челик пристигнува во Европа по цени пониски од нашите трошоци за производство, рече Ле Гри де ла Сал, посочувајќи дека околу 10 проценти од цената на европскиот челик отпаѓа на трошоци поврзани со прилагодувањето на челичарниците во ЕУ на правилата од СВАМ. 

Соочена со кризата во челичната индустрија во ЕУ, Европската комисија минатиот месец објави план за спас на индустријата за челик и метали во блокот, кој меѓу останатото предвидува заштитни мерки за европскиот челик, обезбедување на енергија за индустриските корисници по „прифатливи“ цени, како и преразгледување на одредбите на механизмот CBAM. 

На одлуката на „Арселор Митал“ за укинување на 600 работни места реагираше извршниот потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија, Французинот Стефан Сежурне, кој во објава на Икс порача дека мерките што ги презема ЕК се во согласност со барањата на „Арселор Митал“ за одржување на неговите производствени погони во Унијата. 

Европратеникот Кристоф Грудлер од редовите на француското либерално Демократско движење (МОДЕМ), пак, обвини дека најавата за отпуштања, „Арселор Митал“ ја користи како средство за преговори за поголеми отстапки. 

– Ако „Арселор Митал“ не го интересираат плановите што ги иницира ЕУ, компанијата тоа треба јасно да го каже, рече Грудлер. 

Во Франција веќе се појавија предлози за „национализација“ на „Арселор Митал Франс“ со цел да се зачуваат работните места во челичната индустрија, но францускиот министер за индустрија и енергетика Марк Ферачи ја отфрли таквата идеја.