Арман Солдин – од босански бегалец до светски новинар чија приказна заврши во Украина


Кој е Арман Солдин, видео новинарот на агенцијата АФП, што загина вчера во руски ракетен напад врз Часив Јар, во регионот Донецк? Неговата смрт го погоди и Борис Џонсон, поранешниот британски премиер, беше одбележана со едноминутна почит во Националното собрание на Франција, доби посмртно признание од високи украински функционери и е тема на секој втор пост на Твитер.
 
За него се вели дека својот живот го посветил на информирање на светот за вистината и дека неговото наследство, како и неговата кауза, ќе живеат. Најдобар, најпрофесионален, најмирен, најнасмеан, најчовечки, порачаа неговите колеги и пријатели. Она што не се знае толку многу е дека патот на Солдин тргна од Сараево, каде што е роден, пред да заврши вчера во Донецк и дека тој целиот свој живот ја следеше својата судбина на бегалец пред налетот на безумна војна. Сите што се соочуваа со таа судбина, беа негова приказна. 

Секој што сака да ја оцени посебноста на Арман Солдин, требаше само да ја погледне неговата неодамнешна снимка за АФП од опколениот украински град Бахмут. Руските сили постепено го стегаа својот обрач од север, југ и исток и  Бахмут — симбол на војната што ја започна Кремљ и на отпорот на Украина — изгледаше предодреден да падне. И покрај опасностите, Арман сакаше да биде сведок на тие настани, ставајќи се себеси на ризик и под оган за да обезбеди слики од жестоката воена битка и уништувањето наоколу.

 
Тој пред се знаеше да ги раскаже со камера животите на обичните луѓе зафатени во конфликтот, очајнички обидувајќи се да преживеат во хаосот. Имаше жители на Бахмут кои ја преминаа ледената река за да добијат храна, вода и дрва: во Часив Јар, каде што беше убиен, нашол жена како ја чува нејзината градина. Назад во Киев, тој најде нежен момент помеѓу регрутираниот татко и неговиот млад син кој побегнал во странство, поврзувајќи се преку стратешка игра на интернет. На почетокот на овој месец, спаси и повреден еж од ров и го хранеше за да заздрави именувајќи го Лаки. Извонредната снимка на Арман стана насловна ширум светот. Но, тој никогаш не беше готов.
 

Дури и по исцрпувачкиот ден на терен, тој  неуморно ги прикачуваше своите слики на социјалните мрежи. Таму тој се обиде да им објасни на што е можно повеќе луѓе што видел во она што некогаш го опиша како „војна од стар стил, во срцето на Европа“.

Арман Солдин е роден во Сараево и беше еден од првите Босанци евакуирани во Франција на почетокот на 1992 година. Тогаш имаше само 12 месеци.

„Приказните за бегалците ме засегаат“, изјави тој за АФП во интервју за блог кон крајот на минатата година, спроведено на свеќи за време на прекин на струја во Киев.

„Доаѓам од Босна, Сараево. Го разбирам патриотизмот, но не знам многу за ултра-национализмот“, рече тој.

Течно говореше француски, англиски и италијански јазик, но неговото босанско наследство му помогна на теренот во Украина.

„Пробувам со малку босански“, скромно се насмевна. „Тоа е друг словенски јазик, па малку се разбираме. Многу жени се викаат Оксана, како мајка ми“.

Арман, надарен младински фудбалер кој играше на Стад Рен во Бретања во Франција, но ги напушти надежите за професионална кариера по повредата, се приклучи на АФП како приправник во Рим во 2015 година. Тој остави таков впечаток што беше подготвен за ангажман речиси веднаш. Неговите први објави како видео-новинар и направи во Лондон истиот октомври, токму на време за да ги покрие годините драма околу „Брегзит“. За време на избувнувањето на Ковид-19 во 2020 година тој се врати во Рим, но патуваше наоколу, барајќи приказни дури и кога сè беше затворено.

„Тој секогаш наоѓаше нешто“, рече еден колега.

Кога избувна војната во Украина во февруари 2022 година, Арман доброволно се пријави да стане еден од првите специјални дописници на агенцијата. Украина се чинеше дека е повик за Арман и во неа порасна како новинар.

„Една година откако дојдов во Украина за прв пат мојот живот се промени засекогаш“, напиша тој во февруари. „Многу сум горд и трогнат од сета работа, труд и солзи што ги вложивме јас и моите колеги. И сè уште не сме готови“, додаде тој.

Секој што го запознал Арман бил обземен од неговиот заразен ентузијазам, безгранична енергија и храброст.

„Билијантната работа на Арман содржи сè што не направи толку горди на новинарството на АФП во Украина“, рече директорот на глобалните вести на АФП, Фил Четвинд.

„Беше храбар, креативен и упорен. Тој беше пред се одличен новинар кој беше целосно посветен на приказната“, рече тој.

„Тој беше вистински репортер на теренот, секогаш подготвен да оди, дури и на најтешките места“, додаде директорката на АФП за Европа, Кристин Бухагиар. „Во текот на неговото време во Украина тој праќаше извонредни слики пофалени од нашите најголеми клиенти… Тој беше целосно посветен на својот занает“, рече таа.

Голем дел од снимките на Арман беа снимени на iPhone, но брзината и мобилноста не беа единствените причини за тоа. Арман го разбра и ефектот што може да го има една „голема камера“.

„Кај луѓето одам само со мојот мобилен“, рече тој. „Тоа е помалку страшно за нив“.

Арман, исто така, беше нестрплив да учи од поискусните колеги, иако ако го запознавте никогаш не би поверувале дека тој е „новото момче“, како што се нарече еднаш. На 21 март тој беше со тимот на АФП во Краматорск, источна Украина, прославувајќи го својот 32 роденден.