Аргентинскиот претседател во Давос го прогласи „Макијавели за мртов“
Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи изјави на Светскиот економски форум во Давос дека „Макијавели е мртов“ и го промовираше пазарот како единствен организатор на општествениот живот.
„Стојам пред вас за категорично да кажам дека Макијавели е мртов“, беа првите зборови што ги изговори Хавиер Милеи на Светскиот економски форум во Давос.
Нападот на крајно десничарскиот претседател врз авторот на „Владетелот“, еден од пионерите на дисциплината позната денес како политички науки, беше дел од неговиот континуиран напад врз општествените науки во Аргентина, пишува „Ел Паис“.
Само една недела претходно, Милеи ги славеше мерките за штедење насочени кон универзитетскиот и научниот систем, со цел „елиминирање на непотребните трошоци во општествените науки и политичките науки“.
„Етичката и моралната деградација низ која минува Западот“, повтори Милеi, е последица на „прифаќањето на новата социјалистичка агенда“. За да се надмине денес одбраната на капиталистичкиот систем на слободниот пазар мора да се темели на неговата етичка и морална доблест“, бидејќи „капитализмот не е само попродуктивен, туку и единствениот праведен систем“.
Делото на Макијавели се смета за основа на модерната политичка филозофија, меѓу другото, поради неговиот пристап кон политиката како посебна сфера на знаење и дејствување, со сопствена логика и правила, чие проучување и практикување бараат одвојување од моралните и религиозните принципи.
„Говорот на Милеи во Давос го продолжува неговиот модел на дефинирање на непријателот. Дифузниот симболичен непријател што го конструира Милеи се јасно жените, општествените науки, политичарите, народните движења… Ова се силите на злото кои, според неговото разбирање, се спротивставуваат на капитализмот или се комунистички. Тоа е манихејски, моралистички и антимодерен поглед на реалноста“, вели политикологот Серџо Де Пјеро.
Според Де Пјеро, „зад она што Милеи го кажал за Макијавели, сфатено на многу површен начин, се крие идејата дека политиката е одвоена од економската рационалност.
„Либертаријанците“ веруваат дека така функционира. Бидејќи оваа порака има исклучиво идеолошки карактер, далеку од каква било емпириска основа, Милеи мора да посегне по такви моралистички конструкции“.
Откако ја презеде функцијата на крајот на 2023 година, Милеи постојано ги омаловажуваше академиците и истражувачите, особено во областа на општествените науки, додека спроведуваше остри намалувања на финансирањето на универзитетот и научниот систем, без оглед на дисциплината.
Во изјава што ја потпиша минатиот петок, Милеи го објави учеството на Аргентина во вселенската мисија „Артемис II“ на НАСА, „враќање на Месечината“.
„Технолошкиот развој и истражувањето во стратешките области се приоритет на инвестициите на оваа влада во науката, додека ресурсите се прават поефикасни со елиминирање на непотребните трошоци во општествените или политичките науки“, изјави тој.
Советот на Факултетот за општествени науки и хуманистички науки, Националниот меѓууниверзитетски совет и Аргентинското друштво за политичка анализа реагираа на изјавата на Милеи оваа недела со заедничка декларација.
„Фрагментацијата на знаењето“, предупредуваат академиците, „го оневозможува гледањето на сложените проблеми од повеќе агли (технолошки, етички, политички и нивните социјални импликации)“.
Декларацијата нагласува дека „кога претседателот постојано ги стигматизира општествените и политичките науки, тој го игнорира виталниот контекст на општествата и во исто време го троши потенцијалот за сеопфатни решенија во свет на кој му требаат повеќе од технички податоци; му треба човечки и системски увид“.
Неколку аналитичари посочија на контрадикторноста помеѓу нападите на Милеи врз општествените науки и неговото постојано повикување на важноста од водење „културна битка“, концепт изведен од мислата на Антонио Грамши (1891–1937), уште еден клучен филозоф на политичките науки.
Слично на тоа, неговата тирада против Макијавели беше одржана во говор во кој аргентинскиот претседател се појави поумерен во споредба со претходните, остри настапи во Давос, кога отворено ги искажа своите ставови, а потоа се соочи со силни критики и протести. Како да, две години по доаѓањето на власт, сфатил дека политичката практика бара одредени отстапки.“
„Соодветно е владетел да се трансформира и во лисица и во лав. Оние кои се потпираат само на цртите на лав покажуваат малку искуство“, напишал Макијавели.