Арбер Исаку и Сејфула Османи – кандидати за член на Судскиот совет што го избира Собранието


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за прашања на изборите и именувањата утврди два кандидата кои продолжуваат во процедурата за избор на член на Судскиот совет што го избира Собранието.

Членовите на Комисијата со која претседаваше пратеничката Дафина Стојаноска, заменик претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го прифатија предлогот на пратеникот Беким Ќоку, кандидатите Арбер Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово и Сејфула Османи, доктор по правни науки со положен правосуден испит од Градец, Општина Врапчиште, да бидат комисиски предлог до Собранието, кое на пленарна седница ќе одлучува за еден член на Судскиот совет што го избира Собранието.

Во пресрет на седницата на комисијата, заменик претседателката Дафина Стојаноска потсети дека на 26 јануари се одржа јавна расправа за претставување на кандидатите кои ги исполнуваат условите за член на Судскиот совет што го избира Собранието.

– Покрај претседателот и членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на јавната расправа присуствуваа и поставуваа прашања до кандидатите и претставниците од здружението на судиите, адвокатската комора, граѓански организации кои работаат во областа на правосудството, владеењето на правото и чпвековите права, претставници од медиумите и академската заедница. Со секој од кандидатите се водеше структуирана расправа и се водеше сметка за еднаков и фер однос кон сите кандидати, истакна Стојаноска.

Арбер Исаку во својата кариера работел во приватниот сектор но и во државни институции, односно во Владата, Собранието и во Министерството за животна средина и просторно планирање каде ја вршел функцијата шеф на кабинет, додека пак Сејфула Османи во својата кариера работел како судија во Основниот суд во Гостивар, но и како адвокат и универзитетски професор.