Арбен Таравари стана лидер на Алијансата за Албанците за да ги поврати изгубените позиции на партијата


 

Очекувано, градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари денеска беше избран за претседател на Алијанса за Албанците на вонредниот конгрес на партијата што се одржа во Тетово. Таравари, кој досега беше в.д. претседател на партијата за лидер на Алијансата беше избран речиси едногласно: за него гласа 512 делегати, еден бил „против“ и двајца биле воздржани.

Зборувајќи по неговиот избор Таравари рече дека политиките на партијата остaнуваат исти.

„Политиките на партијата генерално ќе продолжат тие што се. Веќе од утре почнуваме со континуирана кампања додека се одржат следните избори. Кампања врата на врата, да ги отвориме вратите на партијата и да доближиме што повеќе луѓе, посебно интелектуалци. Потребна е професионализација на партијата. Ние почнуваме кампања без разлика дали ќе се одржат избори во 2023 или 2024 година“, рече тој.

Тој се осврна и на гласовите дека се договара влез во владата на АА, но досега немало ништо конкретно, како што рече.

„Имаме контакти тоа е неспорно и досега сме го кажале тоа, но дека немаме одлука и тоа е сигурно. Ќе чекам да се формираат партиските тела, па затоа ќе настојувам што побрзо да се одржи Собранието на партијата за да го избереме и Централното претседателство за да функционираме онака како што треба, нагласи Таравари.

Арбен Таравари го наследи Зијадин Села, кој ја основа партијата и кој поднесе оставка по зиборниот дебакл на изборите за Советот на тетов. Тоа беше продолжение на лошиот резултат на Алијансата на локалните избори есента 2021. Села им се обрати на делегатите:

„Политичките партии не можат да бидат сопственост на поединец, а јас денеска сум тука со најголема гордост да кажам дека го одржав зборот како што ги одржав многу други зборови до сега. АА никогаш не припаѓала на Зијадин Села и нема да му припадне на никој друг, освен на Албанците. Денеска се собравме да го избереме првиот меѓу нас во наредните 4 години, и мислам дека тој што ќе треба да го продолжи патувањето на Алијанса за Албанците е мојот пријател Арбен Таравари“, рече Села.