Апелација двојно им ги зголемени казните на двајцата директори за пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелацискиот суд Гостивар, денеска преку соопштение информираше дека се преиначени одлуките на Основен суд Тетово за осудените во судскиот процес поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница, во кој во 2021 година живи изгореа 14 луѓе.
Со одлука на Апелацискиот суд Гостивар, двајцата осудени директори наместо по година и половина, добија три години казна затвор, а правното лице Клиничка болница Тетово зголемена парична казна од еден милион и триста илјади денари.
Судиите во повисокиот суд одлуката ја донеле на 26 ноември 2025, при што се одбиени жалбите на осудените директори Флорим Бесими и Артан Етеми, додека уважени се жалбите на Основното јавно обвинителство Тетово.
„Судот пресудата ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција и во делот на одлуката за имотноправното побарување така што обвинетите Ф. Б. од Т. и А. Е. кои со првостепената пресуда се огласени за виновни за кривичното дело тешки дела против општата сигурност ги осуди на казна затвор во траење од по три години, обвинетото правно лице ЈЗУ К. Ц. кое со првостепената пресуда е огласено за виновно за кривично дело предизвикување општа опасност, го осуди на парична казна во износ од 1.300.000,00 денари“, пишува во соопштението на Апелацискиот суд Гостивар.