Апасиев отиде на гробот на Енвер Хоџа да го велича како голем државник

Човекот за чие време Албанија беше претворена во режим на бункери и одговорен за смртта на 25.000 луѓе, за Апасиев и Левица е „голем државник“


 

Тричлена делегација на Левица, предводена од претседателот на партијата, Димитар Апасиев, се закрена да отиде во Тирана за да положи цвеќе на гробот на диктаторот Енвер Хоџа, кој ја направи Албанија во најосамена и најзатворена земја во Европа и да го слават како голем државник. Човекот кој ја претвори Албанија во земја на бункери и населението го држеше под невидена контрола на тајната служба, за Левица е „антиревизионистички левичар“, како и „албански државник, партизан и комунист“.

Оваа посета на гробот на Хоџа во средата на 11 април предизвика бура на коментари по социјалните мрежи и бран осуди во политичкиот спектар. Нивниот партнер од опозицискиот блок во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ, побрза да се дистанцира од Апасиев во неговото величење на Хоџа, истовремено обвинувајќи дека Левица била коалициски партнер на СДСМ и ДУИ:

„Привезокот на власта, фолирантот Апасиев не може во исто време да се поклонува на Енвер Хоџа и да го бара родното место на Гоце Делчев. Шизофрената позиција водена од дневните потреби на власта за ПР, Апасиев го одведе до таму да го слави комунистичкиот диктатор. Можеби ДУИ и СДС како наследници на комунистите се чувствуваат задоволни што поранешниот советник на СЈО Апасиев е вреден обожувач на нивната идеологија, но ова нема врска со демократски вредности и само ја опишува специфичната состојба во која се наоѓа власта. Со ова Апасиев и Левица докажаа дека нивната политика и идеологија е тортура врз сопствениот народ и поддржуваат насилни методи на цензура и насилно владеење, како што всушност владеел и самиот Енвер Хоџа“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Слична осуда стигна од СДСМ, кој објави дека „Левица е иста како ВМРО-ДПМНЕ… поддржувач на авторитарни режими“.

„Оддавањето почит на партиска делегација на Левица предводена од нивниот претседател, на гробот на Енвер Хоџа е само потсетник за тоа колку оваа партија е радикално вљубена во режим. Левица е иста како ВМРО-ДПМНЕ. Воспева тоталитаристички лидер кој својата земја со децении ја има затворено, уназадено и меѓународно изолирано.

Левица е радикална партија поддржувач на авторитарни режими и во тоа е иста како ВМРО-ДПМНЕ, партијата која и сама имаше инсталирано режим во нашата држава. ВМРО-ДПМНЕ и Левица се единствените кои се против европската иднина на државата и затоа секојдневно се натпреваруваат во тоа кој ќе има порадикални и поекстремни ставови“, вели СДСМ.

За многумина изгледа необјасниво зошто Апасиев и компањоните отидоа на грбот на Хоџа да ја одбележат годишнината на неговата смрт во 1985 година. Можеби тоа е дел од намерните политички провокации на Апасиев и Левица. Но Левица во своето соопштени го слави Енвер Хоџа, кој владееше со железна тупаница во еден од најсуровите режими во Европа по Втората светска војна, како визионер. Можеби Левица би сакала така да изгледа и своремена Албанија.  Хоџа беше лидер на Комунистичката партија на Албанија, партизан кој се бореше против италијанската и германската окупација, а од 1945 година сѐ до неговата смрт ја држеше цела Албанија како еден вид логор. По раскинувањето со Тито во 1948 година единствени реални врски режимот на Хоџа имаше со Кина на Мао Цедунг.

Според достапните историски податоци Хоџа и неговиот режим се одговорни за смртта на 25.000 луѓе преку егзекуции, изгладнување, нехумани затвори и принудни работни логори. Уште илјадници други (бројките се движат околу 60.000) биле испратени во внатрешен егзил, мачени, затворени и прогонувани.

Во затворот Спач, еден од најозлогласените за време на владеењето на Енвер Хоџа беа затворени илјадници луѓе

Неговата сопруга, Неџмие Хоџа (инаку родена во Битола), која почина на 99 години во 2020, во едно од своите последни интервјуа ги оправдуваше злосторствата извршени од режимот на нејзиниот сопруг, велејќи дека Хоџа веројатно чувствува болка во душата што испратил толку многу луѓе во смрт, но дека тоа го сметал за своја „државничка должност“.

„Отсекогаш си замислував дека Енвер ги носи најтешките одлуки како државник како што се егзекуции – обврзан да ја извршува својата должност – но во душата тој беше многу мек и чувствителен и можеби страдаше“, рече таа.

Во тоа интервју за „Балкан инсајт“ Неџмие Хоџа ја употреби француската изрека „C’est la raison d’Etat, que même la raison ne comprend pas“ („Причините на државата не можат да се објаснат со разум“), додавајќи дека Енвер никогаш не направил вистински грешки во своите одлуки.

Така изгледа мисли и Левица затоа што во соопштението од посетата на гробот на диктаторот партијата наведува дека „како посветен и антиревизионистички левичар, Хоџа е основоположник на современата албанска држава и прв секретар на ЦК на Комунистичката партија на Албанија, која беше основана со југословенска и советска поддршка.

Под неговото четиридецениско владеење, Република Албанија, која беше оставена во урнатини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели: беше изградена првата железничка пруга на нејзина територија, земјата почна со забрзана електрификација, беа искоренети низа епидемиски болести, стапката на писменост беше зголемена од 5% на 90%, државата стана земјоделски независна земја преку колективизација на плодното земјиште, а беше извршена и радикална секуларизација на религијата. За време на неговиот живот успеа да ја трансформира Албанија од полуфеудален вилает на Отоманската империја во индустријализирана планска економија“, велат од партијата на Апасиев, без да споменат ниту збор за илјадниците жртви на владеењето на режимот на Енвер Хоџа.

Во денешната реакција на осудата на посетата Левица вели дека „целта на посетата на вечното почивалиште на албанскиот комунистички државник е за подавање на рака за соработка помеѓу Левица и младите албански левичари. Тоа  во овој момент ги потиснува клеро-фашистичката политичка култура на сецесионизам и деструктивност која се наметнува преку партиите на албанското малцинство во Република Македонија“. И потоа ги обвинува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека „ги слават крвниците на македонската нација како Ванчо Михајлов и царот Борис Трети“.

Ова е последниот потег што Левица го прави за да ја исцрта поврзаноста со режимите во кои или нема демократија или таа е минорна. Многу брзо по руската инвазија на Украина Апасиев го прими рускиот амбасадор во Скопје во Собранието за да ја поддржи Москва во непредизвиканата војна, нарекувајќи ја инвазијата со истиот речник на Кремљ – „специјална воена операција“. Партијата е во блиска соработка со Комунистичката партија на Кина. Таа имаше виртуелно учество на конгресот на КП Кина, нејзини делегации одат во Пекинг за развивање поблиска идеолошка соработка. (Н.В.)