Апасиев му поднесе кривична пријава на Мицкоски за наводен договор со Коцевски околу Кочани


Фото: Б. Грданоски

 

Со кривична пријава до Обвинителството за премиерот Христијан Мицкоски, Левица ќе докажува дека власта на чело со ВМРО-ДПМНЕ направила договор со републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски да ја запре постапката за негово разрешување, што беше почната пред да се случи трагедијата во Кочани, за да обезбедат селективна истрага, односно Коцевски за возврат да не ги гони високите вмровски функционери кои според партијата морало да бидат опфатени во истрагата, најмногу полициски началници и командири.

Лидерот на партијата Димитар Апасиев на прес-конференција пред Јавното обвинителство објави дека поднел пријава за премиерот за кривично дело попречување на правдата, односно дека Мицкоски влијаел на јавниот обвинител да не презема дејства предвидени со Закон. Апасиев побара Обвинителството да го викне премиерот на распит и кажа дека за ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до десет години.

„И покрај лоцираните сериозни пропусти во неговото работење од страна на Владата и од страна на Министерството за правда кои констатираа противзаконитост, корупција и судир на интереси, тие ја прекинаа постапката за негово разрешување за да обезбедат, според нас, селективна истрага. Што значи тоа? Алудираме на високопозиционирани, седуммина високопозиционирани вмровски функционери кои се поштедени од кривичен прогон, началничката на ОВР Кочани, началникот на одделот за криминалистички работи во Кочани, началникот на СВР Штип, главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани, сменоводителот во полициска станица Кочани, сопственикот на приватната агенција за обезбедување и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојковски. Сите овие седуммина мораше да бидат опфатени во истрагата“, рече Апасиев.

Според него, не може шеесетина луѓе да бидат осомничени за кривично дело, односно за тешки дела против безбедноста, а ниту еден да не биде обвинет за корупција. Со кривичната пријава доставиле и писмени докази.