Апасиев бара построги казни за семејно насилство
Димитар Апасиев реагираше по трагичниот настан во Скопје во кој мајка со своето бебе падна од зграда, случај што во јавноста се поврзува со семејно насилство.
Во објава на Фејсбук, Апасиев порача дека семејното насилство треба да се казнува построго од обичното насилство, нагласувајќи дека основната функција на семејството е да обезбеди заштита и сигурност.
„Како што дрска кражба се казнува повеќе од обична, а убиство со умисла повеќе од убиство на миг, така и семејното насилство треба да се казнува повеќе, а не помалку од обично насилство – затоа што една од основните функции на семејството е заштитната“, напиша Апасиев.
Тој во објавата го поставува и прашањето за безбедноста на жртвите во случаи кога насилството се случува во домот, потенцирајќи дека заштитата е доведена во прашање кога насилството доаѓа од најблиските.
Покрај тоа, лидерот на Левица повика на итна и, како што наведува, „радикална реформа“ на центрите за социјална работа, оценувајќи дека тие се заостанати и исполнети со нестручни партиски кадри.
Според него, институциите мора итно да се реформираат со цел поефикасна заштита на жртвите и поефективно справување со случаите на семејно насилство.