Антикорупциска ќе ја истражува дадената дозвола за градба кај „Холидеј Ин“
Државната комисија за борба против корупцијата ќе ја побара денес од градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, целата документација околу дозволата за градба на висококатницата што е дел од проектот за „Холидеј Ин“, дознава Телма. Антикорупционерите ќе ги истражуваат сите детали поврзани со дозволата и проектот за кој е издадена.
Вчера Богдановиќ потврди дека барањето на инвеститорот е правосилно и нема пречки да почне да се гради првата од трите висококатници на едниот од трите плаца на паркингот спроти „Холидеј Ин“.
Министерот за транспорт Благој Бочварски на прес конференцијата кога образлагаше зошто се одбиваат елаборатите од Центар за суспензија на спорните ДУП-ови потврди дека Центар веќе издала дозвола за градба на инвеститорот, уште пред да го дочека мислењето на Министерството за транспорт. Кажа и дека нивното мислење не е обврзувачко, зошто Центар може и сам да ги суспендира ДУП-овите, но Богдановиќ се повика на мислењето на Министерството и кажа дека во таков случај, доколку инвеститорот бара оштета, таа ќе треба да ја плати Општината.