Антикорупциска ќе го испитува именувањето на Бојан Христовски за шеф на АНБ

До антикорупционерите пристигнала анинимна претставка за незаконско именување на Христовски. Во комисијата веќе е отворен предмет


 

Неколку дена по именувањето во Државната комисија за спречување корупција пристигнала анонимна претставка со наводи дека Бојан Христовски е незаконски поставен за директор на Агенцијата за национална безбедност

Претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска за Дојче веле изјави дека веќе се постапува по овој случај. „Предметот е прераспределен кај член на комисијата и по обезбедени докази и изготвена документација, ќе донесеме соодветна одлука за којашто ќе биде информирана и јавноста“, вели Димитровска. 

Минатата недела Владата го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски и на негово место го назначи Бојан Христовски. Тој на новата функција дојде од Министерството за внатрешни работи, но неговиот партиски  ангажман, особено како претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ предизвика големи сомнежи. Христовски вели дека ја напуштил партијата во септември 2023.. Опозицијата стравува дека со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, власта спроведува опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции. 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во понеделникот (21.10) рече дека назначувањето на Христовски за нов директор на АНБ, премиерот Христијан Мицкоски и Владата го направиле во „диктаторски манир“ и со киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста.

„Ние многу време и инвестиции потрошивме таа институција да се професионализира и првите чекори во таа насока почнаа уште со пржинските преговори и разговори и АНБ стана институција во којашто работат одлични професионалци, за кои назначувањето на ваков кадар не значи ништо друго освен една форма на понижување“, рече Филипче.

За опозицијата, спорно е што Христовски немал сертификат со степен „државна тајна“. Но, премиерот Христијан Мицкоски деновиве порача дека не гледа никаков проблем во назначувањето на Христовски за нов директор за национална безбедност, но и дека е исправена неправдата којашто му била нанесена во минатото и тој го обезбедил неопходниот сертификат. 

Од СДСМ велат оти нема потврда ниту за тоа дали првиот човек на АНБ има вистински документ за соодветно познавање на англискиот јазик, затоа што документот што го приложил е од училиште во Пловдив, Бугарија, каде што воопшто нема ТОЕФЛ-центар за тестирање.

Христовски во интервју за емисијата „Код“ на ТВ Телма прашан како успеал и што било пресудно за да стане прв човек на Агенцијата, рече и дека во текот на кариерата ги поседувал сите безбедносни сертификати до „државна тајна“. Тој смета дека во 2020 година, во политички монтирана безбедносна хајка, не му бил продолжен безбедносниот сертификат. Откако се вратил во МВР минатата година, повторно аплицирал за безбедносен сертификат со степен „строго доверливо“ и го добил за експресно брзо време.

Според Законот за АНБ, мандадот на директорот на Агенцијата изнесува четири години, со право на повторен избор за уште еден мандат. За да биде поставен на оваа функција, директорот мора да има најмалку 12 години работно искуство, во областа на одбраната, безбедноста, односно разузнавањето или во области поврзани со нив, од кои најмалку пет години на раководни позиции. Исто така, еден од условите наведени во член 10 е да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.