Ансамблот „Танец“ на голема балканска турнеја, ќе го промовира македонското културно наследство

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ вечер ќе настапи во Културниот центар „Матија Петар Катанчиќ“ во градот Валпово во Хрватска, со што ќе ја почне големата балканска турнеја насловена „Ритамот на душата-бојата на традицијата“, која е уште еден чекор во мисијата за негување и промоција на нашето културно наследство.
Од Националната установа-ансамбл за народни игри и песни „Танец“ соопштија дека турнејата претставува исклучителна можност за публиката низ регионот да го доживее богатството и убавината на македонскиот фолклор преку врвните изведби на нашите уметници.
Во рамки на турнејата ансамблот ќе настапи: на 26 септември во „Прешерново Гледалишче“ во Крањ во Словенија, на 28 септември во Das MuTh – Konzertsaal, Bühne & Programm, во Виена во Австрија, а на 30 септември во Домот на културата во градот Лакташи во Босна и Херцеговина.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма која вклучува дел од најпознатите и најавтентичните македонски народни ора и песни, како и некои од поновите кореографии кои сведочат за постојаниот развој на ансамблот. „Танец“ повеќе од седум децении е амбасадор на македонската култура ширум светот, а оваа турнеја е уште еден чекор во мисијата за негување и промоција на нашето културно наследство. Со своите впечатливи костими, автентична музика „Танец“ носи парче од македонската душа на секоја сцена. Оваа турнеја има за цел да го претстави и промовира богатото културно наследство пред пошироката публика во регионот, зацврстувајќи ги културните врски и пријателства меѓу народите, информираат од НУ Ансамбл за народни игри и песни „Танец“.
Настапите на „Танец“ ќе бидат вистински празник за очите и душата, публиката ќе има можност да ужива во безвремените ритми и движења на „Копачка“, „Мијачка“, „Солунка“ и многу други, изведени со автентични носии и исклучителна енергија. Оваа турнеја е повеќе од обични настапи; таа е културна мисија и со истата ќе покажеме дека нашата традиција и уметност се живи и дека можат да ги обединат луѓето преку убавината на музиката и играта, посочуваат од Националната установа.
Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е основан во 1949 година и претставува еден од најзначајните чувари на македонското културно богатство. Со своите 76 години постоење, „Танец“ има настапувано на најпрестижните светски сцени, добивајќи признанија за својата уметничка изведба и зачувување на традицијата. Нивната мисија е да ја негуваат и промовираат македонската народна култура низ целиот свет.