Анкетни листови по престанокот на функцијата не доставиле 12 пратеници


ДКСК утврдила дека 12 пратеници од парламентраниот состав 2016-2020 година, по престанокот на функцијата не доставиле анкетен лист, а шест пратеници доставиле со задоцнување, информира денеска на прес-конференција Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

За сите пратеници кои задоцниле односно не доставиле анкетни листови, ќе бидат покренати прекршочни постапки.

Како што информира Ивановска, по престанок на функцијата пратеник, анкетни листови не доставиле Неџбедин Таремани, Арта Точи, Зоран Георгиевски, Фадил Зендели, Ферид Мухиќ, Самка Ибраимоски, Илија Николовски, Амди Бајрам, Александар Филиповски, Диме Велковски, Џулумсер Касапи и Татјана Прентовиќ.

Со задоцнување анкетните листови ги доставиле Реџеп Мемети, Борис Змејковски, Владимир Ѓорчев, Јохан Тарчуловски, Магдалена Манасковска и Лилјана Поповска.

Претседателката на ДКСК најави дека ќе испратат заклучок односно ургенција до Владата за да им се достави одговор за нивното постапување односно за нивната иницијатива за поведување постапка за одговорност на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, како и ургенција до Министерството за транспорт и врски во однос на обврската доделена од Владата за сите активности што се преземаат за справување со дивоградбите.