Анкета: Радев тешко до победа уште во првиот круг


Тројцата главни кандидати за претседател: Румен радев, Анастас Герџиков и Лозан Панов

ГЕРБ се врати убедливо на врвот за парламентарните избори, а Има таков народ пропадна дури на петтото место, покажа анкетата на „Алфа рисрч“

 

Претседателските избори на 14 ноември во Бугарија се закомплицираа за сегашниот шеф на државата Румен Радев, откако во трката се вклучија и двајца други силни кандидати – Анастас Герџиков и Лозан Панов. Најновата анкета на агенцијата „Алфа рисрч“ покажува убедлива поддршка за Радев, но тој е далеку од победа во првиот круг. До пред само неколку недели изгледаше дека Радев речиси триумфално ќе се прошета во првиот круг, но работите сега се променети.

Според анкетата, Румен Радев има поддршка од 42,6 отсто од гласачите. Втор е Герџиков со 28,1, а трет Панов со 8,2 отсто. Другите кандидати се далеку под нив. Радев би влегол како голем фаворит во вториот круг, најмногу благодарение на политичките групации што стојат зад него – Бугарската социјалистичка партија (БСП), коалицијата „Исправи се.Бг! Ние доаѓаме!“, Има таков народ на Слави Трифонов и формацијата „Продолжуваме со промената“ на двајцата донеодамнешни економски министри во службената влада, Кирил Петков и Асен Василев.

Анастас Герџиков (ректор на Универзитетот во Софија) поддршката ја црпи од паријата на поранешниот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, но и од Демократска Бугарија, како и од националистичката ВМРО.

За Лозан Панов (претседател на Високиот касационен суд) пак би гласале најмногу гласачите на Демократска Бугарија.

Анкетата на „Алфа рисрч“ направена од 4 до 10 октомври на примерок од 1.123 граѓани покажува и драматично пропаѓање на поддршката на партијата Има таков народ пред парламентарните избори што треба да се одржат истиот ден. Таа сега, според анкетата, е дури на петто место, а беше прва на јулските избори. ГЕРБ на Борисов е на чело на листата со 23,1 отсто поддршка, потоа следи БСП со 16,8, а „Продолжуваме со промената“ со 15,9. Демократска Бугарија би освоила 10,9, а Има таков народ 10,4 проценти. Во парламентот би влегла уште само партијата на етничките Турци, ДПС, која има поддршка од 9,3 отсто, додека „Исправи се.Бг! Ние доаѓаме!“ на Маја Манолова ќе испадне од парламентот, затоа што според сегашните преференции не би успеала да го помине изборниот праг од четири проценти.

Доколку резултатите од гласањето бидат такви како од анкетата Бугарија ја чека нова неизвесност затоа што тнр. партии на промената повторно не би имале мнозинство. (Н.В.)