Анкета: Џонсон фаворит за лидер на конзервативците и премиер


Борис Џонсон го зацврсти својот статус на водечки кандидат за премиер на Велика Британија, откако доби најголема поддршка од конзервативните пратеници кои се залагаат за Брегзит, пренесуваат светските агенции.

Во анкетата спроведена денеска меѓу некои од конзервативните пратеници, Џонсон доби речиси двојно повеќе гласови од неговиот противкандидат.

Во трката за наследник на Тереза Меј на местото лидер на конзервативците и премиер учествуваат десет кандидати.

За време на гласањето, кое почнува во четврток, конзервативните пратеници ќе го сведат изборот на двајца кандидати, за кои членовите на партијата гласаат ширум земјата.

Џонсон вети дека ќе ја изведе Велика Британија од Европската унија пред рокот кој истекува на 31 октомври, со или без договор.

Поранешниот лидер на партијата Ијан Данкан Смит денеска во текст во „Дејли телеграф“ напиша дека Џонсон е кандидат кој најверојатно ќе исполни се што е неопходно за излез од Унијата до тој датум.