Анкета: Бајден води 10 поени пред Трамп


Одобрувањето на работата на претседателот се врати на негативната територија

 

Поранешниот потпретседател Џо Бајден има предност од 10 поени пред претседателот Доналд Трамп пред општите избори во ноември, според новото истражување, додека вкупниот рејтинг за одобрување на работата на Трамп се врати на негативна територија.

Анкетата на Еј-би-си њуз/„Вашингтон пост“ објавена во неделата покажува дека 53 отсто од регистрираните гласачи би гласале за Бајден, претпоставениот демократски кандидат, споредено со 43 отсто кои рекле дека ќе гласаат за Трамп, републиканец.

Бајден значително ја прошири својата предност од претходната анкета објавена пред два месеци, кога водеше пред претседателот со маргина од 49 на 47 проценти кај регистрираните гласачи.

Истражувањето во неделата исто така покажа дека е намалена оценката за одобрувањето на претседателот, што е 45 проценти, додека неговиот рејтинг за неодобрување се искачи на 53 отсто.

Анкетата беше спроведена минатиот понеделник до четвртокот, пред протестите и немирите да почнат да се шират низ земјата откако Џорџ Флојд, 46-годишниот црнец, почина во Минеаполис при интервенција на полицијата.

Нејасно е како хаосот што се ширеше во големите американски градови во текот на изминатиот викенд, како и острата реторика на Трамп во врска со протестите, ќе влијае на одобрувањето на претседателот меѓу Американците.

Како и да е, водството на Бајден пред Трамп во истражувањето на Еј-би-си/„Пост“, се чини дека на линија и на други неодамнешни анкети за трката за Белата куќа во 2020 година.

Анкетата на Фокс њуз објавена минатата недела покажа дека Бајден има предност од 8 поени пред Трамп, а анкетата на „Економист“/YouGov, исто објавена минатата недела, покажа предност на Бајден од три поени.

Според просекот на анкетите објавен од RealClearPolitics, спроведени од 13-28 мај, Бајден има 5,9 поени предност пред Трамп.

Анкетата на Еј-би-си/„Пост“ беше спроведена преку телефон од 25 до 28 мај, со национален примерок од 1.001 лице. Нејзината маргина на грешка е плус-или-минус 3,5 процентни поени. (Политико)